Секоја авиокомпанија има свој уникатен дизајн, но повеќето патнички авиони се бели. Постојат повеќе причини за ова. Бојата на авионот, на пример, му додава меѓу 272 и 544 килограми на вкупната тежина на авионот, зависно од моделот. Тежината, пак, ја зголемува потрошувачката на гориво што авионот го согорува, како да има осум дополнителни патници. Отстранувањето на оваа непотребна тежина ги прави летовите поевтини, а помалата потрошувачка на гориво значи и помалку загадување. Исто така, белата боја не бледнее како другите бои, па затоа авионот се пребојува поретко. За фарбање „Боинг 747“ би требале околу 545,53 литри боја, а за „Боинг 767“ – 409,15 литри. Тоа значи, боењето комерцијален авион чини од 40.000 до 170.000 евра, пишува порталот „Даљине“.
Натаму, исто како што луѓето лете носат полесна, светла облека, којашто прима помалку топлина, и белите авиони впиваат помалку топлина поради својата боја.
Поради белата боја, и на техничарите им е многу полесно да забележат каква било штета. Ова овозможува навремено, брзо забележување и поправање на протекувањата на масло, пукнатините и другите дефекти и недостатоци. Многу авиокомпании и производители на авиони ги продаваат или изнајмуваат своите авиони на други превозници, па нивното одржување во бела боја го прави поевтино и менувањето или прилагодувањето на дизајнот на новата авиокомпанија.






























