Зошто не можеме со голо око да видиме дека Земјата е тркалезна? Па, бидејќи луѓето се мали суштества, просечниот возрасен е висок од 1,5 до 2 метри, децата се уште помали. Замислете дека сте циркуски акробат што стои на топка широка еден метар. Од врвот на топката ќе ги видите рабовите каде што топката се заоблува. Сега замислете си мала мува на таа циркуска топка. Нејзината гледна точка најверојатно би била еден милиметар или помалку над површината. Бидејќи мувата е многу помала од топката и нејзиниот поглед е блиску до површината, таа не може да ја види целата топка.
Земјата е широка околу 12,8 милиони метри, а гледната точка на висок возрасен е само два метри над нејзината површина. Нема шанси нашите очи да ја опфатат целата големина на Земјата кога стоиме на неа. Интересно е тоа што не би можеле ни да препознаеме дека Земјата е тркалезна дури и да се искачиме на врвот на Монт Еверест, кој е 8.850 метри надморска височина. Единствениот начин да се види обликот на Земјата е да летаме повеќе од 10 километри над нејзината површина – стоејќи на Земјата нашите очи можат да видат околу 4,8 километри од хоризонтот. Тоа не е доволно за да се види линијата на хоризонтот како почнува да ја покажува својата крива. Како мува на циркуска топка, едноставно не можеме доволно да го видиме работ каде што земјата се среќава со небото.
За да ја видите целата форма на Земјата, треба да се возите со астронаут или на сателит. Во исто време, големите комерцијални авиони можат да летаат доволно високо за да дадат поглед на заобленоста на Земјата, иако пилотите имаат многу подобар поглед од предниот дел на авионот отколку патниците од страничните прозорци, пишува „Лајв сајенс“.