Ристиќева Палатa 1926

Најстарите сведоштва и археолошки пронајдоци тврдат дека Скопје е населено уште од 4000 година пред нашата ера. Скопје за првпат во историските извори се споменува од Клавдиј Птоломеј под древното име Скупи. За првпат градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се споменува, а скопската котлина добива нов град со името Јустинијана Прима.


Ристиќева палата

Ристиќевата палата е изградена во 1926 година по проект на архитектот Драгутин Маслаќ, а Драгутин Станковиќ го изработил вајарскиот аспект на зградата, која е изградена е од страна на српскиот фармацевт Владислав Ристиќ. Во приземјето биле сместени деловните простории, а семејството Ристиќ живеело на погорните катови. Оваа палата е една од ретките повисоки згради што го преживеале земјотресот во Скопје од 26 јули 1963, кога речиси 70 отсто од зградите во градот беа уништени. Кога е градена оваа зграда, дизајнерите и архитектот биле свесни за сеизмичките услови, така што презеле соодветни мерки при градењето.
Палатата го дефинира аголниот блок, кој поврзува две улици и на одреден начин доминира во визурите од плоштадот во Скопје, a бил и меѓу првите објекти што биле изградени како првично јадро околу кое понатаму ce развивала и главната улица кон старата железничка станица, како и другите улици дефинирани со регулацискиот и урбанистичкиот план за центарот на Скопје, при што ce формирани фронтови од објекти во функција на просторни репери во чии граници ce одвивала архитектонската продукција низ децениите.


Беговска кула

Беговската кула или Феудалната кула се наоѓа во центарот на Скопје во предворјето на Домот на АРМ. Таа спаѓа во посебен вид станбена архитектура, која истовремено служела и како одбранбен објект. Поради одбранбениот карактер во долната зона има помал број прозорци и посебен вид отвори за пушки. Единствено на последниот кат има благо издадени балкони од дрво, т.н. теферичи. За греење на кулата биле направени две огништа, сместени во ѕидовите на првиот и вториот кат. Третиот кат се затоплувал од оџаците што поминувале низ него. Скалите што водат низ кулата се сместени во дебелите камени ѕидови, чија широчина изнесува 1,45 метар.
Изградена е кон крајот на 17 век и во почетокот на 18 век. Висока е 14 метри, со квадратна основа 7,5 х 7,5 м. Во почетокот на 20 век била сопственост на скопското семејство Кулели. Денес во неа е сместена спомен-собата на Мајка Тереза, родена во Скопје.

Беговата кула во почетокот на 20 век

Споменик „Ослободители на Скопје“ Фото – Рашо мк

Споменик „Ослободители на Скопје“

Споменикот „Ослободители на Скопје“ е посветен на ослободителите на Скопје од народноослободителната и антифашистичка борба од Втората светска војна. Се наоѓа пред зградата на македонската влада, а е изграден во 1955 година. Автор на споменикот е вајарот Иван Мирковиќ. Скулптурите се изработени во натприродна големина и се поставени на ниско постолје.
Споменичната композиција се состои од седум бронзени скулптури во борбени пози против непријателот: борец на чело на композицијата, кој со пушка во рака ги охрабрува борците на јуриш, жена во одлучен став со пушка во раце, дете со мало огнено оружје, борец што со едната рака придржува ранет другар, а со другата фрла бомба, борец во умирање, кој со своите последни сили го држи знамето, младинец што вади оружје од појасот и се подготвува за напад.


Скопско кале

Скопското кале е тврдина што е сместена на високиот рид наречен Градиште, над градот Скопје, со поглед на реката Вардар, која била од стратегиско значење за овој значаен град со векови. Како највисока точка во градот, калето отсекогаш било ценето од месното население. Населби на тоа место постоеле и пред да се изградат ѕидови. Најраните познати жители на местото живееле во неолитот и раната бронзена доба, 4.000 години пред нашата ера. Тврдината што ја гледаме денес е изградена најпрвин во византиско време (6 век), со камени ѕидови со должина од 121 метар. Според археолозите, камените блокови од кои е изградена тврдината биле земени од разурнатиот град Скупи. Д.Ст.

Фото: Бојан Тренчевски