Израелските научници пронајдоа третман
Жените би можеле да бидат мајки на 50-годишна возраст, велат израелските научници, кои успешно го смениле стареењето на човечките јајце-клетки. Како големо достигнување, израелските истражувачи ефикасно направија јајце-клетките на 40-годишна жена да изгледаат како јајце клетки на 20-годишна.
Жените се раѓаат со сите нивни јајце-клетки, но тие се влошуваат со текот на времето, што го отежнува оплодувањето на постарите јајце-клетки. Додека просечната жена во раните 20-ти има 80 отсто шанси да забремени по природен пат во рок од една година, тоа се преполовува до 40-тата година.
Научниците од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим покажаа дека стареењето може да се промени со антивирусен лек што се користи за лекување пациенти со ХИВ. Се смета дека дејствува така што го спречува оштетувањето на ДНК што се случува за време на процесот на стареење со лек што го блокира генетското оштетување за време на вирусни инфекции.
По овој успех, тимот сега планира да го тестира на животни и на крајот на луѓе. Тие, исто така, се надеваат дека третманот може да го намали ризикот од спонтан абортус и вродени дефекти, кои се почести кај постарите мајки.
За време на процесот на стареење во човечкото јајце, делови од неговата ДНК може да почнат да напаѓаат други области на сличен начин на кој вирусите можат да се реплицираат. За да се спречи ова, научниците теоретизираа дека антивирусен лек наречен инхибитор на обратна транскриптаза, кој се користи за да се спречи оштетување на ДНК кај вирусни инфекции, може да помогне.
– Многу жени се обидуваат да забременат на возраст од 40 и повеќе години, и мислиме дека овој третман, всушност, би можел да ги зголеми нивните нивоа на плодност. Во рок од 10 години, се надеваме дека ќе користиме антивирусни лекови за да ја зголемиме плодноста кај постарите жени – изјави за „Тајмс оф Израел“, докторот Мајкл Кластин, молекуларен биолог што ја водел студијата.
Лекот прво бил тестиран на стотици ембриони од глувци, пред да се користи на човечки ембриони, кои останале по третман за вонтелесно оплодување.