Таа не е само зоонегувателка – таа е живот за тие што немаат никого
Мајка по срце
Понекогаш љубовта не доаѓа само од таму каде што ја очекуваме. Понекогаш, најнежните прегратки и најистрајната грижа не доаѓаат од мајката по крв, туку од срце што одбира да биде мајка.
Во еден мал агол во скопската зоолошка градина, борбата за живот, нежноста и човечноста се испреплетуваат во приказна што го топи и најтврдото срце. Малиот гибон Мики, кој сурово беше отфрлен од мајката што го донесе на свет, најде нова прегратка – прегратка што не се уморува, не се откажува и не познава граници. Тоа е прегратката на зоонегувателката Зера Бекировска.
Ова не е само приказна за едно бебе мајмунче. Ова е приказна за тоа што значи да се сака без услови, да се грижиш кога е најтешко и да бидеш мајка – дури и кога никој не те обврзал на тоа.
Секој ден за Зера Бекировска почнува и завршува со малиот Мики во нејзините прегратки.
Напуштен од својата мајка, Мики бил фрлан неколкупати на студениот бетон во живеалиштето во скопското зоолошка градина. Со повреди на главата и напади што му го тресеа малото тело, тој денес повторно дише, повторно живее — благодарение на луѓето што не отстапија од него ниту за миг.
А меѓу нив, една жена – негувателка – стана неговиот свет.
– Го хранам на секои два часа, му менувам пелени, спиеме заедно. Не можам да се оддалечам ни пет минути. Ако не ме почувствува покрај него, почнува да плаче – ни сподели Зера, со тивка мајчинска грижа, која не бара аплауз, туку едноставно сака да спаси живот.
Нам ни е позната Зера и сме пишувале неколкупати за неа и нејзината грижа и љубов кон животните во зоолошката градина. Ова не е првпат Зера да биде замена за мајка на напуштени животни. Пред десет години судбината ѝ донесе прво бебе-бабунче, а подоцна и негов брат. Потоа и Делфина – белоракиот гибон, кој за малку ќе се удавеше кога неговата мајка го фрли во езерото. Зера тогаш скокна во вода без двоумење и ја спаси.
– Се грижев за неа 24/7 – ни раскажува таа.
Сега, кога Делфина е порасната, Зера и понатаму оди кај неа, само за да ја прегрне. Љубовта што ја вложила во неа не згаснува со времето, туку цути со текот на годините.
И повторно, кога малечкиот Мики ја загуби својата биолошка мајка, природата повика – и Зера одговори, со истата посветеност, со истото срце, кое е преполно со безмерна љубов.
– Искрено, тешко е да се грижиш целодневно за нив, но што да правам кога премногу ги сакам – ни изјави Зера.
Во светот каде што понекогаш се чини дека емпатијата исчезнува, постојат луѓе како Зера – кои потсетуваат дека љубовта сè уште има лице.
Во светот на кревките суштества, каде што секој ден може да биде последен, љубовта што ја дава Зера е светлина што не згаснува.
Мики можеби нема мајка по природа, но има мајка по срце. И тоа понекогаш е многу повеќе — тоа е спас. Тоа е нов почеток. С.Ј.