На летната сцена Долни Сарај се е подготвено за првата Фолк вечер на 30-то јубилејно издание на фестивалот „Охрид фест 2023“.
– Гостите полека пристигнуваат во Охрид, а фолекрите веќе се подготвуваат за техничка проба пред првата фестивалска вечер што ќе започне во 17 часот. Водителката Ирена Спировска, ги прави последните консултации со уметничкиот директор на Фолк вечерта Љупчо Соколовски. Ќе ја видиме во три различни тоалети, по урнекот на други светски водителки. Од гостите, на наша голема радост, во Охрид пристигна и легендарниот Дадо Топиќ, кој вели дека е воодушевен од градот, а првата работа што ја направи е фотографирање со пријателите и фановите. Сакам да нагласам дека дискографската куќа „Сенатор“ ќе издаде и цедиња со песните од двете фестивалски вечери – ни рече Вања Тодоровска, претставник за печат на фестивалот.
Таа дополни дека втора година по ред новинарите ќе гласаат за најубава песна на двете веечри, а ќе бидат доделени и награди од публиката и од жири, како и награди за текст и интерпретација.
– Годинава наградата за најдобар аражман го носи името „Љубомир Бртанѓолица“, во чест на познатиот музичар, кој за жал веќе не е со нас, а создаде некои до најубавите македонски забавни мелодии – вели Тодоровска.
Првата фестивалска вечер ќе почне во 20 часот, влезот за публиката е слободен, а директен пренос ќе врши Македонската телевизија. „Охрид фест“ ќе се гледа и во Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Словенија, Албанија и во Бугарија.
Фестивалот ќе го отвори Милован Секуловски со песната „Пред да заспиеш“, а дуетот Наум Петревски и Лилија Семкова, кои ќе настапат 19-ти , ќе ја заокружат вечерта со „Посилни од се“. Во ревијалниот дел ќе настапи Сузана Спасовска. М.Т.