Според книгата „Креманско пророштво“
Селото Кремна се наоѓа на 800 метри надморска височина. Сместено е во Креманската Котлина, меѓу планините Златибор и Тара, во соседна Србија. Котлината како да е поплочена со кремен камен, по кој и го добила името, кој има магнентно дејство. Во овие краишта постои и легенда дека тука авионите се губат на радарот поради магнетното поле, што го нарушува работењето на технологијата, објави српски „Курир“.
Според Семир Османагиќ, босанско-херцеговски независен истражувач и геолог, кој ги испитува енергетските портали, пирамидите и слично, Креманската Котлина има девет магнетни круга што го создаваат тоа магнетно поле и токму поради тоа тука се случуваат многу чудни работи. Во селото Кремна, во 19 век, се родени Милош и Митар Тарабиќ, кои биле чичко и внук. Тогаш со Србија владеела династијата Обреновиќ. Милош живеел 45, а Митар 70 години. И едниот и другиот, наводно, имале дарба да видат што има надвор од границите на овој живот. Во тоа време во селото живеел и службувал свештеникот Захарие Захариќ, кој бил писмен и умен човек, а бил и во роднински односи со семејството Тарабиќ, односно биле кумови. Освен што служел во црквата во селото, тој, исто така, ги запишувал сите нивни пророштва.
Книгата со пророштвата е отпечатена меѓу двете светски војни
Пред Првата светска војна, во селото отишол уште еден свештеник, професор и теолог, Радован Казимировиќ. Тој во тоа време пишувал учебник за таинствените појави кај српскиот народ. Кога слушнал за Милош и за Митар Тарабиќ, веднаш отишол во селото и од попот Захарие ги собрал сите негови белешки, врз чија основа ја напишал книгата „Креманско пророштво“. Книгата е отпечатена и се појавила во книжарниците меѓу двете светски војни, а последно е изданието од 1940 година.
Рецензент на записот на Казимировиќ бил владиката Николај Велимировиќ, што на ова дело му дава дополнителна тежина. Црковниот поглавар и приказните на пророците се исклучуваат едно со друго, но владиката, сепак, дозволил книгата да се појави меѓу народот. Записите се пишувани во пораки, кои треба да се толкуваат и немаат временска одредница. Сепак, кога се читаат, се препознаваат историски случувања, како страдањето на семејството Обреновиќ, убиството на кнезот Михајло, Мајскиот преврат во Србија, двете светски војни, заминувањето на монархистите, доаѓањето на комунистите…
Велат дека од напишаното досега се остварило околу 60 отсто.
Претскажале почеток на трета светска војна
Меѓу пророштвата на Тарабиќ е и тоа дека ќе се случи трета светска војна. „Ние нема да учествуваме, но Србија ќе биде легло на странски разузнавачки служби“, стои во напишаното. Наводно, тие го предвиделе и распаѓањето на НАТО, кое во книгата го нарекуваат „западен крал“. Според запишаните претскажувања, ќе се реши и прашањето на Косово и Метохија, што ќе предизвика судири во целиот регион, Русија ќе го заземе Цариград (Истанбул), а „Аја Софија“ повторно ќе стане православна црква, како што била на почетокот. „Ќе дојде еден човек од Исток на бел коњ, со сини очи, и ќе каже: ‘Стој народе, Бог на небото, на земјата цар’. Овој човек ќе биде руски император, кој ќе ги ослободи сите православни и српски земји“, пишува во пророштвото на Тарабиќ.
Јован Тарабиќ бил последниот потомок на познатите пророци Милош и Митар Тарабиќ, креаторите креманското пророштво. Тој починал во 2014 година, во неговото родно село Кремна, на возраст од 92 години.