Фатемах Канум Есмет ал-Довлех важела за таткова галеница и најубаво од сите деца на шахот. Денес се смета за една од најфотографираните жени на неговиот двор, иако Европејките се згрозувале од неа
Насир ел Дин шах Каџар бил персиски шах, кој владеел на средината на 19 век. Како и повеќето тогашни владетели, имал многу жени (само во неговиот харем имало 84). На овој број треба да се додадат и барем десетина официјални сопруги, за да биде јасно колку жени тој во секој момент имал на располагање.
А бидејќи обезбедувањето потомство било приоритет на секој владетел, Насир ел Дин шах Каџар имал многу деца, поточно забележано е дека имал 21 дете, 11 принца и 10 принцези. Најинтересно од сите деца на шахот била токму Фатемах Канум Есмет ал-Довлех, која ја добил со една од неговите официјални жени, Раџ ал-Довлех.
Убавица машкуданка
Важела за таткова галеница и најубаво од сите деца на шахот. Денес ја сметаат за една од најфотографираните жени на неговиот двор. Секако, повеќето фотографии ги направил татко ѝ, кој бил пасиониран фотограф.
Насир долго се колебал да ја омажи Есмет, барајќи за неа „достоен маж“. Постои легенда дека 13 момчиња се самоубиле бидејќи ги одбила, иако веројатно тоа не е целосна вистина. Како и сите жени од тоа време, таа најраната младост ја минала во харемот, опкружена исклучиво со припаднички на женскиот пол и тешко може да се поверува дека Есмет имала можност да разговара, а камоли да одбие 13 мажи.
Според фотографиите што се зачувани до денес, може да се забележи дека Есмет била сѐ само не убавица со занесни облини, како што денес луѓето од Запад ги замислуваат жените што биле во харем.
Принцезата била ниска и, најблаго речена, дебелка. Главата и вратот ѝ биле покриени со богато украсена шамија, а на лицето главни адути ѝ биле споените веѓи и темните мошне изразени мустаќи. На прв поглед изгледало дека таа е маж.
Сепак, тогашните критериуми за убавина биле такви, особено во високата класа. Колку што жената била посилна и подебела, таа била поубава, а тоа особено важело за жените од владејачката династија. Тие јаделе најдобра храна и не им било дозволено многу да се движат.
Машкуданскиот изглед, кој подразбирал жената да е силна и влакнеста, исто така поставил своевиден симбол на убавината во Иран во 19 век, па, според тоа, Есмет била вистинска убавица!
Европејките биле згрозени
На дворот на шахот можеле често да се сретнат политичари, фотографи и уметници. Ако во нивна придружба биле и сопругите, оние поважните имале можност да се запознаат со припадниците на семејството на шахот.
Сопругата на извесен белгиски пратеник во 1877 година ја запознала принцезата Есмет, по што во својот дневник запишала дека била згрозена од она што го видела.
„Над нејзината горна усна принцезата има видливи црни мустаќи, кои ѝ даваат машкудански изглед“, запишала Европејката. Потоа Есмет уште на неколку места во дневникот ја нарекла „принцеза со мустаќи“.
Сепак, треба да се каже дека Есмет била многу повеќе од „убаво лице“. Спротивно на традицијата, научила да свири на клавир и се смета за прва Иранка што го направила тоа. Одејќи по стапките на татко си, таа и самата станала фотографка.
Изгледа дека татко ѝ имал голема доверба во неа, бидејќи ѝ дозволил да биде постојана придружничка на европските дами што го посетувале дворецот. Тоа нѐ наведува на заклучокот дека сигурно зборувала барем еден странски јазик.
Среќниот избраник бил ирански благородник
На крајот, шахот ја омажил Есмет за Дуст Мухамед Кан, син на угледен ирански благородник. Потоа за неа малку се знае, иако е познато дека на дворот и натаму имала интензивни разговори со посетителките од Запад.
Со текот на времето и таа, како и татко ѝ, станала пасионирана фотографка и во својот нов дом направила мало студио. Ги фотографирала сопругот и петте деца.
Забележано е дека Фатемах Канум Есмет ал-Довлех умрела во 1905-та, имала само 31 година, а била погребана покрај саканиот татко.