За време на мисијата на крајниот север на Европа, научниците открија дека базалтот присутен во вулканската карпа околу Исланд може да има улога во намалувањето на јаглеродниот диоксид (CO2) од атмосферата, пренесе порталот „Фокус он Белџим“.
„Белгица“, најновиот научен брод во Белгија, помина две недели околу Исланд. Научниците беа особено заинтересирани за вулканската карпа многу богата со базалт, која е присутна во областа по течењето на лавата по многубројните ерупции на сè уште активни вулкани.
Белгиски научници од неколку универзитети ги испитувале карпите и нивната способност да апсорбираат јаглерод диоксид поради присуството на базалт. Тие откриле дека вулканските карпи во контакт со вода, односно Северно Море, имаат поголем капацитет да апсорбираат јаглерод диоксид.
Веќе е познато дека морињата и океаните имаат поголем капацитет да апсорбираат јаглерод диоксид од шумите, но сега е откриено дека алкалноста на морињата и океаните во контакт со базалтот доведува до поголема апсорпција на јаглерод диоксид од атмосферата. Научниците веруваат дека неколку вида минерали би можеле да имаат таква улога.
Истражувачите планираат партнерства со претставници во рударската и поморската индустрија во Белгија за да го применат откритието. Ваквите проекти секако ќе придонесат за намалување на емисиите на стакленички гасови, но, сепак, ќе останат само еден дел од решението на големиот климатски проблем на планетата Земја.