Песни што ме тераат да играм
Деновите од 15 до 18 август 1969 г. беа денови кога се славеа мирот, слободата, љубовта, музиката, правдата, еднаквоста и кога се протестираше против војната, жртвите. Местото каде што се одржа таа манифестација се викаше Вудсток, на фармата на Макс Јасгур во Бетел, Њујорк. „Вудсток“ се појави веднаш по атентатите на нобеловецот, баптистот Лутер Мартин Кинг Јуниор и политичарот, сенатор и икона на современиот тогашен либерализам, Роберт Ф. Кенеди. Таа 1969 г. САД испраќаат свои граѓани, млади луѓе да се борат во Виетнам, за да ги запрат ширењето на комунизмот низ Северен Виетнам и домино-ефектот што би следувал и би ја опфатил цела Азија. На „Вудсток“ имаше околу 500.000 посетители што уживаа во прекрасната музика на простор што реално можеше да прими околу 50.000 посетители, но сите беа сплотени како едно, уживајќи во слободата, за да создадат една заедничка космичка енергија за мир во светот. Иако ја пратија, мир немаше. Истите тие тогаш 20-годишни момчиња и девојчиња, кои протестираа, пееја, веруваа во слободна љубов, само неколку години подоцна, кога созреаја, влегоа во машината и го правеа истото тоа против кое се бореа. Можеби хипиците во тогашните и сегашните комуни останаа доследни на своите основни цели, не се продадоа, но тоа е толку незначително за да се смени светот. Листата на учесници музичари, уметници е неверојатна: Џенис Џоплин; Џими Хендрикс; Рави Шанкар; Арло Гатри; Џоан Баез; Сантана; Кенед Хет; „Маунтајн“; „Криденс клирвотер ривајвл“… Сите тие го обликуваа јавното мислење во еден значаен период на светската историја.
Една приказна. Скопје во 1970-тите беше дел од СФРЈ и сите нови нешта стигнуваа подоцна, па така и хипи-движењето. Се собираа на две места, и тоа првата група таканаречените прави хипици, со долги коси, постојано нешто замислени, кои нешто разбираа, прошетаа, видоа, т.е. тој таканаречен интелектуален дел се собираше на кејот на Вардар. Другата група, која беше дериват на дериватот на првата група, немаше поим што се случува, зошто се протестира, но да имаш долга коса и да возиш мотори беше модерно, па тие се собираа кај фонтаната на „Пелагонија“, во близината на сегашната Триумфалната порта. Немаше некои недоразбирања меѓу нив, само беа два различни света. Главни фаци беа: Триглав, Чаје-Еми, Скак, Франз, оној од Макакус… Многу луѓе се приклучуваа затоа што децата на цвеќето имаа различно мислење за слободната љубов. Во еден таков миг се појавува Влада од Љубљана. Него го донесе Јами, дваесетгодишната Босанка што живееше во куќите кај спојот на Вардар и Треска, кај пешачкиот мост. Јами имаше една мана, многу тешко ги разликуваше личните заменки, така на пример не правеше разлика помеѓу овој и оваа, оној и онаа и она, и кога кажуваше нешто правеше такви забуни што половина час објаснуваше што сакала да каже и за кого се однесува тоа. Јами и Влада беа во врска. А Влада постар некои десетина година од Јами, полн со искуство, знаеше како треба да игра, беше бос во сфаќањата, особено во областа на музиката, но кога дојде донесе плочи од „Грејтфул дед“, „Џеферсон ерплеин“, Кросби, Стил Неш и Јанг, Сантана, Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Џони Мичел, Боб Дилан и плус слики на кои се гледа дека бил во публиката на „Вудсток 1969“ во САД. Со тоа се стекна со статус на ѕвезда, првоборец, народен херој, беше единствен што присуствувал на таков настан и лесно се вклопи во двете хипи-групи. За кратко време ја заборави Јами и си најде друга. Јами беше вљубена во него и тешко го преболе тоа. Уште се паметат зборовите на Јами кога се разделија: „Вакво ѓубре како оваа Влада досега немам видено“. Подоцна се дозна дека Владо отишол во Сараево и пробал на истата финта да влезе кај тамошните хипици, но тие не го прифатиле.
Љупчо Давчев