Песни што ме тераат да играм
Маја е сега средовечна жена. Иако кога ќе ја видиш, ја чувствуваш таа позитивна енергија, среќа, топлина со која ја освојува околината, сепак во нејзиниот поглед има некоја тага. И кога беше насмеана, и кога рипаше од радост, и кога плачеше од среќа, од нејзините очи зрачеше некое ниво на тага. Израсната е во прекрасно семејство, мајка, татко, брат, преполно слога и љубов. Сѐ правеа заедно, заедно играа, заедно работеа, заедно учеа, заедно одеа на одмор, заедно гледаа филмови, заедно се радуваа и тагуваа, заедно пееја (најчесто песните на „Нови фосили“, кои се вртеа на стариот касетофон). Невидена хармонија, која беше прекината кога мајка ѝ ненадејно почина на возраст кога Маја имаше само 14 години. И одеднаш се сѐ смени. Онаа иднина што ја проектираа ја снема. На Маја ѝ беше можеби најтешко, во моменти кога таа требаше да го помине најизискувачкиот пат од девојче кон жена, ја немаше потпората на мајка си, немаше кој да ја подучува, охрабрува, советува, кој да ѝ покаже дека секогаш зад неа ќе има кој да ја заштити и сака што и да се случува. Темни облаци во душата, таа бескрајна радост и доверба, хармонија ја немаше како таква, и оттогаш ја има таа тага во очите. И брат ѝ, и таткo ѝ, и Маја се жртвуваа за сите нив, да продолжат како-така по старо. Но ништо не можеше да ја надомести загубата на најсветото нешто. Годините си течат, Маја создава семејство, станува мајка, радост невидена, но сепак, сепак некаде далеку во тој поглед се чувствуваат таа тага и она често поставувано прашање: „А зошто ја нема баба да се радува со нас?“ Поминуваат години, Југославија е одамна распадната. Сѐ што остана да нѐ поврзува со тој период е веројатно спомените од заедничкaта музика од тие простори. Многу музичари од тој период дојдоа во Скопје да ја потсетат македонската публика на некое безгрижно време, тотално различно од ова денес.
Меѓу сите тие музичари, групи во Скопје, во организација на гостиварците „Вајб“ (VIBE), продукција (Стефан), доаѓа по многу години, децении и групата „Нови фосили“, со оригиналните членови Сања Долежал – вокал, Владимир Кочиш-Зец и основачот Маринко Колнаго, потпомогнати со две пејачки како придружни вокали, и тапанар, гитарист и клавијатурист. Настанот е во прекрасниот објект на Македонската филхармонија. Преполна сала, нема место. Тишина пред почетокот на концертот, се исклучуваат светлата, полутемно е. Излегуваат еден по еден сите музичари и излегува таа, Сања, сѐ уште така детски невина, прекрасна, полетна. Публиката во делириум. И се редат „Још те волим“, „Плава кошуља“, „Добре девојке“, „Ја сам за плес“, „За добра стара времена“, „Склопи очи“, „Тонка“, „Милена“, „Путуј сретно“, „Шути, мој дјечаче плави“, „Саша“, „Да те не волим“… Ау, каква колекција на брилијантни поп-песни создаде Рајко Дујмиќ (основачот, композиторот, лидерот што веќе неколку години пее горе на небеските полиња). На бината и во публиката хаос, сите песни ги пее публиката, па таа израсна со нив. А Сања, каков шоумен, оди во публиката, пее со нив, се слика, танцува како да е 30-годишна, а не 61-годишна. Во еден момент со нејзините придружни вокали толку многу ми заличи на пејачките од оној афроамерикански соул, небаре чиниш ги гледаш „Дрим грл“ во живо, секоја чест. Оној Маринко, кој, пази, сега има 82 години, степува, се врти, пее, скока, како да е 40-годишен, а во чекор го следи Зец, кој има само 75 години. Сите се радосни, и публиката, и музичарите, и тон-мајсторот, и редарите, и новинарите, и организаторите, сите пеат во еден глас. И тогаш во тие моменти ја забележувам Маја во публиката. Стојам од страна и ја набљудувам, гледам како ужива, како пее, чувствувам радост во неа, и за првпат за само неколку минути ја снема таа тага во нејзиниот поглед, исчезна, иако тоа траеше само неколку моменти, сепак како да траеше три животи. Можам само да ја замислам кога како девојче ги чекале бато од училиште и тато од работа да дојдат на ручек, а таа со мајка си заедно во дневната играла и пеела на музиката на „Нови фосили“.
Па скокале, се радувале, правеле јадења, колачи, мајка и ќерка заедно. Веројатно во тие моменти и планетата се радувала заедно со нив, како мали невини деца целите зацрвенети во лицата, уживајќи во љубовта што ја делат заедно. И тогаш во тие моменти сфаќаш дека постои временска машина и таа се вика музика, за некого позитивна, за некого негативна, зависи какви спомени носиш од тој момент кога првпат си ја слушнал. Некој може на одредена песма да ја доживеал првата љубов, и тој ќе биде среќен, некој може на истата песна да се разделил од саканата личност, и тој нормално ќе биде тажен. За секого по нешто, но таа временска машина ги допира сите во одреден момент. За Маја музиката на „Нови фосили“ беше нејзиниот Перихел (perihelion) и Афел (Aphelion), нејзината временска машина со која макар накратко се врати во едно друго време, кое потоа некој или нешто ѝ го украло. Концертот е веќе при крај, еден бис, два биса, никој од публиката не си оди, сите ги пеат заедно песните иако бината е празна. Неверојатно количество на позитивна енергија што излегува од секој поединец, создавајќи заедничка мешана енергија, којзнае може некој ќе најде начин да ја претвори во корисна енергија што ќе може да задвижува турбини. Излегуваат „Нови фосили“ уште еднаш, среќни се, веројатно не се надеваа на ваков прием, на ваква прекрасна публика, пеат уште една песна и си одат. Ја гледам Маја со другарка си Милена, назад до гардеробата како се сликаат со Сања, а солзите течат низ неа. Само да знаат Сања и Рајко Дујмиќ што направиле не само за Маја туку за сите нив. На Маја ѝ го вратија времето, едноставно направија ова сега да биде како да било вчера, т.е. ја вратија во времето пред многу години кога беше во прекрасните мајчини прегратки, заштитена и среќна.
Љупчо Давчев