Сите ние од „Ворнер чапел“ (придружница на „Ворнер мјузик“) сме неизмерно горди што фондацијата „Дејвид Боуви“ нѐ избра нас да бидеме чувари на еден од најреволуционерните, највлијателните и најтрајните каталози во историјата на музиката. Ова не се само извонредни песни, туку пресвртници кои засекогаш го сменија текот на модерната музика, велат од продукциската компанија „Ворнер чапел мјузик“ која го откупи целокупното творештво на англискиот пејач Дејвид Боуви за 250 милони долари и се стекна со издавачките права на сите негови песни, од огромната колекција создадена во текот на изминатите шест децении која вклучува повеќе од 400 песни, пренесуваат светските медиуми.
Договорот вклучува песни од 26 студиски албуми на Боуви, неодамна објавеното постхумно издание на „Toy“, и албуми на „Tin Machine“, синглови и саундтракови од други проекти.
Творештвото на Боуви опфаќа шест децении работа која вклучува стотици легендарни снимки како што се „Changes“, „Ziggy Stardust“, „Heroes“, „Space Oddite“, „Golden Years“, „Blackstar“ и многу други. Според „Њујорк Тајмс“, колекцијата вклучува над 400 песни.
– Неговата работа вклучува огромни поп хитови и експериментални музички авантури кои инспирираа милиони фанови и безброј иноватори, не само во музиката, туку и во другите уметности, модата и медиумите – рече Гај Мут, копретседател и извршен директор на „Ворнер чапел“.