Фото: Рашо мк

„Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја“, Чернодрински, 1929 година

Знаменитостите на Македонија

Војдан Чернодрински останува вечно врежан во македонската национална меморија како значаен македонски писател, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар, но и како македонски патриот и револуционер. Неговото вистинско име е Војдан Поп Георгиев, а псевдонимот Чернодрински потекнува од реката Црн Дрим, која тече крај неговото родно село Селци (Малесија).

Рани години

Роден е во 1875 година во семејството на селскиот кмет и подоцнежен свештеник Георги Славковски, подоцна наречен Ѓурчин. Од неговиот живот, позначаен е настанот кога неговата мајка извршила убиство над некојси Арнаутин – силеџија, сѐ со цел да ја одбрани честа на своето семејство. Тој немил и несекојдневен настан бил повод за отселување на целото семејство од Селци во Охрид. Во Охрид, Чернодрински го продолжил своето образование што го започнал во своето родно место. По завршувањето на основното училиште, Војдан Поп Георгиев се запишал во Солунската гимназија, но во убавиот македонски град не се задржал премногу долго. Таткото на Војдан заминал во Софија на печалба, па поради тоа го повикал и Војдан во Софија за да биде со него, а наедно и да си го продолжи образованието.
Тој, во Бугарија, го продолжил своето школување и се зачленил во Младата македонска дружина. Наедно, Чернодрински бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата наречен Македонски заговор. Војдан Поп Георгиев се смета и за основач на тој кружок. Под директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела.
Според неодамнешни историски архиви и документи, Војдан го завршил своето образование во Србија. Правните науки ги започнал во Грац, ги продолжил во Берн, но студиите сепак не ги завршил. Сѐ со цел да се поврзе со ослободителното движење во Македонија, Чернодрински побарал учителска служба во Македонија. Тој бил назначен за учител во селото Могила, Битола.

Промотор на македонските особености

Чернодрински не служел многу долго како учител во Македонија. Тој работел како учител во Македонија само една година, учебната 1897-1898 година. Потоа тој се вратил пак во Софија, каде што со тешки маки и по долги перипетии успеал да ја постави својата прва драма на македонски јазик – „Македонска крвава свадба“. Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија. По Софија, драмата се одиграла и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за формирање македонски театар.
По извршената реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растел и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“. По одржувањето и задушувањето на Илинденското востание, новите политички околности на Војдан му овозможиле гостувања во Србија и таму бил пречекан со големи симпатии.
По Младотурската револуција во 1908 г., Македонија добила подобра политичка клима, па Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артистка аматерка) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и Битола. Тој во Македонија учествувал во организирање на учителите и учителките што ги подготвувале театарските претстави. Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и „Македонска крвава свадба“, за првпат изведена во татковината.
Неколку години подоцна, Војдан Поп Георгиев бил мобилизиран во Балканските војни, а набрзо потоа и во Првата светска војна. Тој тогаш го доживеал најтрагичниот момент во македонската историја – распарчувањето на Македонија. Неговиот творечки живот и понатаму продолжил да опстојува, но со помал интензитет, поради тоа што тој се наоѓал во бугарска средина каде што се чувствувал како емигрант. Иако неговата татковина се стекнала со долго посакуваната слобода во 1945 година, Чернодрински не можел да се пресели во Македонија и умрел во Софија во 1951 година.Д.Ст.


Првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи македонскиот јазик

Чернодрински е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот македонски јазик. Тој бил доста коректен кон македонскиот јазик и еден од основните критериуми за членство на актерите во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Тој со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање востание за конечно ослободување на Македонија добил големи симпатии, како од македонската така и од странската јавност.
Тој со своите дела извршил големо влијание и кај некои други македонски автори како што се: Димитар Хаџи-Динев (ја напишал драмата „Револуционер“), Марко Цепенков (го напишал текстот „Црне Војвода“) и Никола Киров Мајски (ја напишал драмата „Илинден“).
Во 1929 година, Војдан Поп Георгиев отишол во посета на еден дом за сираци каде што подарил примероци од својата драма „Македонска крвава свадба“. По тој повод, Војдан изјавил: „Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја“. Д.Ст.