Водици се празнува два дена. Првиот ден, 19 јануари, освен Богојавление и Водици, уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден, 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител, уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев, во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги капеле зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така првенци. Обичајот се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пеана (светена) вода. Познато е дека во првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените
Знаменитостите на Македонија
Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и Македонската), а на 6 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар. Со тоа му се дава значење на крштавањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштавањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања, во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Нова година (Василица) итн.
Водици се празнува два дена. Првиот ден, 19 јануари, освен Богојавление и Водици, уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден, 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител, уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев, во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги капеле зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така првенци. Обичајот се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пеана (светена) вода. Познато е дека во првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Денес, традиционално, во Македонија речиси во сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен цела година.
Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.
– Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покаат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос доаѓа при Јована на јорданските води. Тој ја позна величината на Христовата божествена природа и затоа зборува: „Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ Тој го крштева Христа во р. Јордан.
Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат кумпании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од кумпанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со Свети Јоване, побратиме и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата, кумството е сродство, па за кумовите, како и инаку за крвните роднини, важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос, значи тој го има кумството. Во песната од западна Македонија „Или тотнет, ил се земја тресет“, објавена во зборниците на Јастребов и Икономов, во силна борба Свети Јован ги добил кумството и побратимството:
Свети Петар — клучи од рајове,
Свет’ Илија — силни секавици,
Свети Јован — кумство,
побратимство,
Неделица — празник да празнуват.
Секоја кумпанија има свој кум, кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по старост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството, се откупувале со наддавање.
Еден ден пред празникот, на 18 јануари, е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштавањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што станува збор за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што ѝ припаѓа на таа кумпанија. Откако попот ќе ги провери сите крстови дали се правилно врзани со босилекот (треба да има толку гранчиња колку што има куќи кумпанијата), ги пее сите крстови заедно и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал: „Кај што помина чесен крст, да е чесно бериќетно, кај што капнало капка вода, сребро и злато да капит, да се родит бериќетот“. Д.Ст.