Среќните добитници на шпанската лотарија слават низ земјата откако се откриени победничките броеви на добитниците на премиите, со вкупна вредност од 2,4 милијарди евра.
Празничното божиќно извлекување е познато како „Ел гордо“ (Дебелиот), а датира од 1812 година и во него учествуваат милиони Шпанци што сакаат да освојат дел од големиот награден фонд, кој годинава достигна 2,41 милијарди евра, пренесува Ројтерс.
Со оглед дека исти броеви може да се продадат повеќепати, победничките тикети и освоените пари често се делат на повеќе играчи од различни делови на земјата.
Годинава главните награди им припаднаа на добитници од Мадрид и Канарските Острови, а локалниот ракометен клуб во баскискиот град Басаура поделил околу120 тикети, од кои секој ја освоил втората награда во вредност од 1,25 милион евра, кои во повеќето случаи ќе им бидат поделени на повеќемина сопственици.