Експертите се фокусираат на книги што некогаш му припаѓале на филозофот Имануел Кант, најпознат по делото „Критика на чистиот ум“, револуционерна дискусија за односот помеѓу знаењето и искуството или перцепцијата. Кант го поминал целиот свој живот (од 1724 до 1804 година) во тогашниот источнопруски град Кенигсберг.
Градските власти на рускиот Калининград, во времето кога во Германија беше познат и како Кенигсберг, сега започнаа амбициозен проект за дигитализирање на стотици ретки и стари книги, меѓу кои и оние на просветителскиот филозоф Имануел Кант.
– Главната мисија на нашите библиотеки е да ги зачуваат книгите. Во моментов сме ангажирани во голем проект за скенирање на сите книги објавени пред револуцијата од 1917 година – рече Руслан Аксјонкин, експерт и вработен во Културниот и образовен центар на Балтичкиот универзитет во Калининград.
Речиси 450 книги, кои датираат од 15 до 20 век, чекаат на дигитализација. Експертите се фокусираат на книгите што некогаш му припаѓале на Кант, кој ѝ е најпознат на пошироката читателска публика по неговата „Критика на чистиот ум“ од 1781 година, револуционерен трактат од 800 страници за односот помеѓу знаењето и искуството или перцепцијата.
Кант го поминал целиот свој живот (од 1724 до 1804 година) во тогашниот источнопруски град Кенигсберг. Проектот е дел од подготовките за прославата на 300-годишнината од неговото раѓање, која ќе се одржи следната година. По капитулацијата на нацистичка Германија, градот му беше предаден на Советскиот Сојуз и населен со советско население, додека Германците беа протерани.
– Има многу малку автентични предмети што ги поврзуваме со Кант, но имаме дела објавени за време на неговиот живот. Некои од книгите што се подготвуваме да ги дигитализираме не се отворени со векови. Во некои од нив најдовме исушени лисја или марамчиња, скици и чкртаници на рабовите на истрошените страници – рече Аксјонкин.