Фото - Кирил Симеоновски 1

Околу Вишни се наоѓаат разни остатоци од старини, како што е Градиште, северно од селото. Околу селото се наоѓаат и свети места, како „Св. Спас“, „Св. Петка“, „Св. Климент“, „Св. Никола“ и „Св. Врача“. Денешното село потекнува од крајот на 18 век. Како што се верува, тоа било изградено од малобројни словенски и влашки жители, кои дошле од подрачјето на соседна Албанија. Според друга легенда, селото било изградено кога Османлиите владееле во Македонија. На местото на денешното село, тогаш немало ништо. Преданието вели дека кога жителите на Радожда бегале од зулумот на башибозукот и на турскиот аскер, се криеле во планината. Таму почнале да градат куќарки и го направиле Вишни. Кога некој ќе ги прашал селаните каде живеат, кратко одговарале – на висон, на високо, на вишнине. Оттаму доаѓа името Вишни и не е поврзано со овошје

Знаменитостите на Македонија

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на општината Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, на надморска височина од 1.040 метри. Од самиот град Струга е оддалечено осум километри. До него се стигнува по магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан.
Се наоѓа на висорамнина, на која се наоѓаат изворите Студенец, Извор, Чешма и други. Водата во селото се добива од изворот Извор. Најблиски села се: Горна Белица, Долна Белица и Заграчани. На Јабланица, западно од селото, се наоѓаат следниве месности: Изгорејнци, Папрадиште, Костов Кутел, Мечкина Дупка, Јаорје, Загончиња, Гара, Чешма, Дупки, Мартинов Кутел, Пожарје, Дубурлој Нивје, Беличка Река, Село Влас, Бабуш, Свети Никола, Сушица (река), Св. Врача, Св. Климент, Св. Петка, Св. Недела, Ровиње, Варвалец, Клепуш, Крајница, Маркова страна, Душман, Самарница, Чекуље, Студенец, Леска, Стари Куќи, Меризиште, Извор, Коритничиња, Орашец, Св. Спас, Виништа и Гулабарница.
Вишни има збиен тип, а одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како: Митревци, Јанковци, Волчевци, Ѓорговци и други. Во селото живее христијанско македонско население. Народното предание наведува дека се доселени како пет-шест домаќинства од територија на запад, денес во Албанија. Куќна слава на сите им била Петковден и најверојатно сите потекнуваат од селото Кокрево во Албанија.
Родови се: Јанковци (4 к.); Митревци (3 к.); Ѓорговци (3 к.); Волчевци (3 к.); Трајкоски (2 к.); Шапевци (2 к.); Кумаровци (2 к.); Прлески (2 к.); Јанковци (2 к.); Караушовци (2 к.); Таштановци (2 к.); Петковци (1 к.); Брковци (1 к.); Николовци (1 к.); Тодоровци (1 к.) и Лечевци (1 к.). Волчевци и Трајковци потекнуваат од ист предок. Во Караушовци се знае следнава генеалогија: Танајл (жив на 68 г. во 1977 година), Божин, Цветко, Ристо. Во родот Трајкоски се знае следнава генеалогија: Никола (жив на 68 г. во 1977 година), Сандре, Никола Први, Никола Втори. Д.Ст.

Фото: Darkocv

Културни знаменитости

Црква „Св. Атанасиј“ – главна селска црква, а околу неа се наоѓаат и селските гробишта
Црква „Св. Никола“ – камен-темелник осветен и поставен на 7 август 1999 година од страна на митрополитот г. Тимотеј
Црква „Св. Климент“ – помала црква во селото
Црква „Св. Недела“ – помала црква во селото
Црква „Св. Спас“ – пештерна црква од големо значење
Црква „Св. Петка“ – камен-темелник осветен и поставен на 29 јули 2006 година од страна на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, а осветена на 28 јули 2007 година, со благослов на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, од страна на митрополитот брегалнички г. Иларион
Црквата „Света Врача“, најстарата црква во Вишни

Редовни настани

Во селото се празнуваат:
Атанасовден (летен) – селска слава
Спасовден – селска слава, на која жителите на селото ги пренесуваат моштите на Свети Спасица Вишненска во дрвено ковчеже од главната селска црква „Св. Атанасиј“ во пештерната црква „Св. Спас“; стариот обичај навестува тоа пренесување да биде направено од девојка Д.Ст.


„Свети Атанасиј“ – главна селска и гробјанска црква

Црквата е изградена на сретсело и околу неа се наоѓаат селските гробишта. Црквата е изградена за време на турската власт, во 19 век. Околу црквата се наоѓаат селските гробишта. Црковниот одбор е во планот за изградба на конаци над мензата.
Во црквата се наоѓаат моштите на познатата Света Спасица Вишненска, славена од жителите на Вишни. Се верува дека нејзините мошти имаат чудотворна моќ и дека помага на сите. Светите Спасе и Спаса се светители од отоманскиот период. Света Спаса има двоен венец, исповеднички и маченички, односно како девственица му се предала на Христа бога, завршувајќи го својот живот маченички, слично како света Злата Мегленска и голем број други светителки од нашево поднебје, како Ангелина и Хирана Солунски. А Свети Спасе, проповедајќи го евангелието Христово, сведочејќи за верата Христова, постојано бил малтретиран поради тоа и на крајот се упокоил мирно некаде, претпоставуваме дека тоа е околу пештерната црква во Вевчани, посветена на Вознесението Христово. Д.Ст.

Фото – Кирил Симеоновски