Виртуелниот музеј треба да содржи најмалку 600 од речиси 52.000 предмети од базата на податоци на Интерпол за украдена уметност
УНЕСКО и Интерпол започнаа заеднички проект – првиот виртуелен музеј на украдени културни предмети, кој треба да ѝ биде претставен на јавноста во средината на 2025 година.
Создавањето на виртуелниот музеј, кој треба да содржи најмалку 600 од речиси 52.000 предмети од базата на податоци на Интерпол за украдена уметност, беше најавено на конференцијата за културни политики и одржлив развој во Мексико, кога 150 земји ја усвоија историската Декларација за признавање на културата како глобално јавно добро и зајакнувањето на посветеноста во борбата против нелегалната трговија со културни добра.
Крајната цел е музејот да се „затвори“
Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј, изјави дека зад секое украдено дело или фрагмент се крие дел од историјата, идентитетот и човештвото што е оттргнато од своите чувари, недостапно за истражување и сега е во опасност да падне во заборав.
– Иако нема да го надомести физичкиот недостиг од уметнички дела што недостигаат, виртуелниот музеј барем ќе го врати основниот пристап до нив и ќе помогне да се зајакне застапувањето за нивно враќање – рече Азулеј.
Нејзиниот помошник задолжен за култура, Ернесто Отоне Рамирез, објасни за „Гардијан“ дека крајната цел на овој виртуелен музеј е „негово затворање“, изразувајќи надеж дека неговата колекција ќе се намалува како што ќе се враќаат предметите.
Посетителите ќе можат да се движат низ спиралната рампа
Наградуваниот Френсис Кере беше избран за архитект на виртуелниот музеј, чиј дизајн беше инспириран од дрвото баобаб како симбол на корените и припадноста, и ротондата на музејот „Гугенхајм“ на архитектот Френк Лојд Рајт. Посетителите ќе можат да се движат низ спиралната рампа, која поврзува низа галериски простори со детални 3Д-слики на објекти, во многу случаи реконструирани врз основа на црно-бели фотографии или илустрации.
На екранот ќе бидат истакнати некои од најзначајните украдени артефакти. Според Коалицијата за антиквитети, тие се натпис на камен од алабастер (од третиот век н.е.), кој бил украден помеѓу 2009 и 2011 година од храмот „Авам“ во Јемен, релјеф од слонова коска на кој е прикажан лав што напаѓа Нубиец (7 век п.н.е.) украден од музејот во Багдад во 2003 година, зелена камена маска ограбена во 1970-тите од местото на Маите, Рио Азул, во Гватемала и фигурина Вараха земена од храм во Раџастан, Индија, во 1988 година.
Дигиталните сурогати на предметите ќе бидат придружени со описи со објаснување на нивната културна вредност и сведоштва од заедниците од кои потекнуваат како потсетник за човечките врски што ги претставуваат овие предмети.