Неколку дена пред новата 2010 г. во Скопје, неговото височество Џибони одржува концерт, а со себе како гости носи и пријатели гости музичари. Пред почетокот на концертот, пред благајната неколкумина чекаат да купат карти. Меѓу нив едно високо момче, со кратка брада и со зимска капа на главата, купуваше четири карти за концертот. Како што ги купи, им ги даде на две девојки и на нивните момчиња. Тие беа дојдени од Загреб и, како што разбрав, немаа пари да купат карти. Дечкото што им ги купи картите не ги познаваше нив, но тие очигледно го познаваа него, во очите нивни се гледаше сјај кога им се обраќаше, небаре чиниш Џим Морисон е пред нив. Му се обраќаа со Дамир. Концертот почна, Џибони беше феноменален како и секогаш, свиреа и Влатко и некоја девојка како гости. Во еден момент момчето што им ги купи картите на луѓето надвор излезе на бината и почна да пее. А гласот му беше нeверојатен, длабок, полн, мелодичен, посебно оригинален, ме потсеќаше на пејачот на една група од Риека (беше активна во периодот од 1986 до 1996г.), која тераше некаков арт, алтернативен рок, ништо посебно, но пејачот на таа група се издвојуваше, беше посебен. Тој пејач беше Дамир Урбан, поранешниот пејач на „Лауфер“, а подоцна самостоен артист. Хрватската сцена важи за една од најквалитетните сцени на европскиот континент, особено кога станува збор за кантавтори што претходно го изучиле занаетот во матичните бендови. Тука спаѓаат Џибони („Осми путник“, „Дивље јагоде“), Масимо („Дориан Греј“), Горан Баре („Мајке“), Ренато Метеси („Звијезде“) и уште дузина други меѓу кои и Дамир Урбан („Лауфер“) и сите тие оставаат или оставале свој печат во времето. За сите нив се знае до кај им се границите, може да им се предвидат следните потези, на некој начин лимитирани се, на сите, освен на Дамир, кој дури сега се спознава, за кој нема граници. Онаа сурова емоција, автентичност, суровост како да стоеја некаде длабоко во него, чекајќи го вистинскиот момент. И ете го него, и ете го тој септември 2020, и ете го моментот, и ете го тој неверојатен двоен албум „Липањ, српањ, коловоз“, полн со прекрасни текстови каде што имаме прекрасно раскажани приказни (непретенциозни), кои создаваат брилијантни слики, со минималистичка божествена музика. Со ова ремек-дело, Дамир длабоко гази со петиците на врелиот асфалт, а на петиците е запишано неговото име, така што кога ќе се исуши асфалтот, на него од петиците ќе биде втиснато засекогаш неговото име. Само еден целосно зрел автор и изведувач може да создаде ваков вулкан на ерупции, кој, веројатно, преживеал многу и како рането животно што крвави, таа болка или радост ги дели на парчиња и потоа ги составува на ново ниво за да бидат достапни на целата публика. Албумот е составен од два дела или 17 песни, првиот дел е сосема негов, а вториот е заедно со неговата група „Урбан&4“. Од него се издвојуваат неколку фаворити, како „Сама“, „Кафез није дом“, „Мале даме“, „Куча сечања“, „Где год била ти“, всушност нема лоша песна, овој албум е оној што го чуваш дома на посебно место и во случај на некаква катаклизма го земаш и бегаш на некој далечен остров. Дамир е неверојатно признаен и почитуван во неговата матична земја, но и на Балканот, и сега откако ги нема Арсен, Масимо… борбата за тронот што го држи Џибони е доведена во прашање токму поради тоа што созреа претендентот Дамир. За сите оние што сакаат да ги почувствуваат снагата на гласот, изведбата, сугестивноста на Дамир, потребно е да ја чујат изведбата на песната „Остављам те саму“ изведена на „Рујничеве вечери“ во 2007 г., авторско дело на Оливер Драгојевиќ, што е веројатно една од најдобрите, најавтентичната, ако не и најдобрата изведба воопшто на некоја песна на овој дел од Балканот.

Љупчо Давчев