Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ триумфално ја заврши својата балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ги претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
На концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и во Лакташи (Босна и Херцеговина), „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
– Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти – тоа беше културна мисија што ги поврза Балканот и Европа. Игроорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство што заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила. Со овој голем триумф, ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија. Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина – сподели Весна Митевска, директорка на НУ ансамбл „Танец“.