На секој десетти вид што живее во светските мориња му се заканува исчезнување, поради што членките на Обединетите нации постигнаа историски договор по десет години преговори.
Според Договорот за светските мориња, 30 отсто од површината на водата на Земјата ќе добие заштитен статус до 2030 година, со цел зачувување и обновување на екосистемот во нив. Во новите заштитени подрачја ќе има ограничен лов, одредени точни маршрути по кои ќе можат да се движат бродовите и длабоко ископување, што вклучува секаква активност на вадење од морското дно подлабоко од 200 метри.
Договорот е постигнат по седницата во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, која траеше 38 часа. Преговорите траеја десет години бидејќи членовите не можеа да се договорат за финансирање, а спорни точки беа квотите и правата за риболов.
Последниот меѓународен договор за заштита на океаните, Конвенцијата за правото на морињата, беше потпишан во 1982 година. Воспостави област со меѓународните води каде што сите земји во светот имаат право да ловат риби, пловат и истражуваат, но само 1,2 отсто од површината е заштитена. Морскиот живот надвор од овие области ги претрпе последиците од климатските промени, ловот и прекуокеанскиот транспорт без никаква заштита.
Во најновата процена за состојбата на морските екосистеми, речиси 10 отсто од животинските и растителните видови се во опасност од исчезнување.