На градскиот плоштад во Кичево се одржа третиот Божиќен базар на кој беа понудени храна и пијалаци, а настапија и повеќе пејачи и музички групи, обезбедени беа и мал воз за прошетка на децата и сѐ што е неопходно за да биде успешен базарот.
– За потребите на овој базар беа обезбедени поголем број дрвени куќички каде што посетителите можеа да се послужат со топла ракија, варено вино, а и да вкусат разни специјалитети. Во текот на овој базар се одржа и концерт на кој настапија поголем број локални пејачи како Дарко Стојаноски, Мирослав Мирчески и поголем број музички состави. Исто така за време на овој базар на градскиот плоштад се претставија и поголем број фолклорни ансамбли од градот. Цената на пијалаците и храната беше пониска и прифатлива за сите оние што го посетија базарот – истакнаа од здружението „Божиќен базар“.
Од здружението наведуваат дека во хуманитарната акција што беше организирана во претходните денови беа собрани над 150 новогодишни пакетчиња, кои им беа подарени на најмладите жители на градот што го посетија базарот. З.А.