Најзначајните податоци поврзани со обновата и живописувањето на црквата, но и нејзините ктитори, ги содржи ктиторскиот натпис испишан на старословенски јазик што се наоѓа над западниот влез во наосот. Според овој натпис, црквата посветена на архијерејот и чудотворец Никола е изградена и живописана со залагање на игуменот јеромонах Павнутиј, заедно со монашкото братство. Во продолжение е наведено дека за живописувањето се потрудил кир Димитар, за кого се вели дека станува нов ктитор. Натписот завршува со годината 1536/37
Знаменитостите на Македонија
Топличкиот манастир е средновековен манастир, кој е лоциран во областа Железник во југозападниот дел од Македонија, поточно во месноста Топлица, меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино. Во доцниот среден век, манастирот се оформил како значаен религиозен, културно-просветен и книжевен центар во Македонија. Денес од објектите што се наоѓале во рамките на манастирот е зачувана само црквата „Св. Никола“.
Археолошките истражувања покажуваат дека првобитната манастирска црква била изградена кон крајот на 14 век на истото место каде што во минатото имало црква од петтиот или шестиот век, всушност основата на оваа постара градба била искористена како темел за изградба на новата црква. Се верува дека во 16 век црквата била урната, обновена и зографисана, со што манастирот започнал да се развива како културен и книжевен центар. Во наредните векови во рамките на овој манастир се одвивала плодна книжевна, препишувачка и преведувачка дејност.
Меѓу ретките податоци за постарата историја на Топличкиот манастир е едно „Четвороевангелие“ од крајот на 14 и почетокот на 15 век. Ракописот е пронајден во манастирската црква „Св. Никола“, напишан е на хартија, во една колона со уставно писмо и денес се наоѓа во Збирката на словенски ракописи во Народната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски – Скопје.
Од овој манастир потекнува и т.н. „Минеј за март и април“, кој содржи 194 листа. На 91-от лист се наоѓа запис од кој се дознава дека ракописот е напишан со залагање на игуменот јеромонах Макариј и братството од Топличкиот манастир во годината 1536 година. Овој ракопис се наоѓа во универзитетската библиотека „Светозар Марковиќ“ во Белград. Според начинот на пишување, тој е многу близок на ракотворбите на кратовските илуминатори.
За историјата на манастирот може да дознаеме и од натписите во самата црква и на иконите, кои содржат податоци за обновата на црквата и нејзиното живописување, за ктиторите, игуменот јеромонах Павнутиј и архонтот кир Димитар Пепик од Кратово, за приложникот Димитар од селото Леуново и за зографот Јован од Грамоста.
Најзначајните податоци поврзани со обновата и живописувањето на црквата, но и нејзините ктитори, ги содржи ктиторскиот натпис испишан на старословенски јазик што се наоѓа над западниот влез во наосот. Според овој натпис црквата посветена на архијерејот и чудотворец Никола е изградена и живописана со залагање на игуменот јеромонах Павнутиј, заедно со монашкото братство. Во продолжение е наведено дека за живописувањето се потрудил кир Димитар, за кого се вели дека станува нов ктитор. Натписот завршува со годината 1536/37.
Во олтарскиот простор, над нишата е испишана молитва упатена на светителот. Последниот ред го содржи името на ктиторот Димитар. Името на ктиторот Димитар е уште еднаш испишано покрај неговата претстава од ктиторската композиција во северниот параклис. Ктиторот Димитар е облечен во едноставна кафена долна кошула и горна црна наметка, а на главата има темна лаичка капа. Тој во десната рака го држи моделот на црквата и е предводен од патронот Св. Никола, кој држејќи го за левата рака го води пред Исус Христос седнат на престол.
Архитектонскиот тип и репрезентативната сликарска програма на црквата „Св. Никола Топлички“ ќе остават силно влијание врз подоцнежните остварувања во територијата на Охридската архиепископија.
Кнезот Димитар Пепик од Кратово
Како што покажуваат натписите во црквата, голема улога во обновата на црквата и манастирот имал кнезот Димитар Пепик од Кратово, богат закупец и експлоататор на руда, кој ја носел и титулата иконом на охридската црква. Тој потекнувал од богато и влијателно семејство, на што укажува и податокот што кон средината на 16 век во кратовската нахија се издвоило маало наречено Пепик. Во тоа време Кратово важело за најзначајна рударска област во европскиот дел на Османлиската Империја.
Кнезот Димитар, покрај материјалното богатство и титулата кнез, поседувал длабока духовност, на што укажуваат неговата дарежливост и грижа за манастирските центри. По барање на слепченските монаси, тој станува нов ктитор на манастирот „Свети Јован Продром“ во Слепче. Од писмото на протопопот Лука напишано во 1543 година и упатено до слепченското манастирско братство, се дознава дека Димитар се грижел за манастирите „Богородица Пречиста Кичевска“ и „Трескавец“, а бил приложник и на рускиот манастир „Св. Пантелејмон“ на Света Гора. Членовите на неговото семејство исто така биле приложници и заштитници на монашките заедници. Неговите браќа Георги и Никола Пепик извршиле неколку нарачки и градителски зафати во Лесновскиот манастир, а нивните имиња се запишани и во поменикот на манастирот „Трескавец“, додека, пак, нивната сестра Ана била монахиња.
Најзначаен потфат на кнезот кир Димитар е ктиторството на Топличкиот манастир, што е посведочено со голем број натписи.