Терамар е напредна култура што е лоцирана главно во централниот дел на долината По во Северна Италија, а името го добива од остатоците од црната земја, која може да се забележи кај могилите. Во минатото се веруваше дека станува збор за галски и римски гробни локалитети, но денес врз основа на истражувањата се знае дека археолошките остатоци припаѓаат на напредна култура од средното и доцното бронзено време, односно од периодот помеѓу 1700-1150 година пред нашата ера.
Во периодот помеѓу 1860-1910 година беа спроведени исцрпни археолошки истражувања, а прв со систематски истражувања започнал Бартоломео Гасталди. Тој ги истражува мочуриштата и старите езерски места во Северна Италија и прв утврдува дека локалитетите се живеалишта, а не погребни места како што се верувало дотогаш.
Во овој период, локалитетите биле истражувани од Пелегрино и од Пигорини, кои во 1862 година укажале дека наодите се праисториски. Подоцна Пигорини ја развил тезата дека населението од културата Терамар припаѓало на индоевропската група на народи, кое се населило од северниот дел на Европа.
Според оваа теорија, жителите на Терамар биле предци на Старите Итали, а Пигорини исто така им ја припишал на Италите традицијата на езерски живеалишта, кои биле модификувани во Италија. Италијанскиот истражувач Брицио ја дополнува оваа теорија укажувајќи дека првичните жители на Терамар биле Лигури. Според посовремените истражувања, жителите на Терамар биле предци на Етрурците.
Културата Терамар се одликува со повеќе населени места, околу шеесет, според досегашните истражувања.

Станува збор за поголеми села, но секоја населба била добро урбанизирана со улици распоредени во четириаголна форма. Некои од куќите биле изградени врз вештачки ридови и покрај фактот што не постоела опасност од поплави. Според една од теориите, овие куќи ѝ припаѓале на локалната аристократија.
Меѓу археолошките наоди може да се набројат помал број камени предмети, а доминираат бронзени секири, ками, долги мечеви и ножеви, како и орудија од секојдневниот живот, како што се српови, игли, брошови и сл. Исто така се пронајдени и предмети од коска и дрво, како и керамика и килибар. Глинените фигури, главно претстава на животни, се меѓу најраните примери на пластична уметност во Апенинскиот Полуостров.
Врз основа на досегашните истражувања, научниците веруваат дека жителите на Терамар останале ловци, но имале и припитомени животни, исто така тие биле вешти металурзи што лиеле бронза, меѓутоа се занимавале и со земјоделство.
Во изминативе години, историчарите и археолозите, врз основа на досегашните истражувања, посочуваат дека Терамар е една од најзначајните култури од средното и доцното бронзено време. Нивните теории се засноваат врз фактот дека се пронајдени голем број предмети што потекнуваат од северниот дел на Европа, поточно од Балтикот и други далечни области, меѓутоа исто така се пронајдени и предмети што потекнуваат и од источниот дел на Средоземно Море, а меѓу нив доминираат предметите што потекнуваат од микенската култура. Врз основа на наодите, современите истражувачи тврдат дека културата Терамар всушност била трговската врска помеѓу народите од северна Европа и источното Средоземно Море. Со други зборови, жителите на Терамар имале трговски врски со голем број народи што ја населувале Европа.
Истражувањата покажуваат дека културата Терамар исчезнала кон крајот на доцното бронзено време, кога сите населени места биле напуштени од жителите. Исчезнувањето на Терамар се поврзува со колапсот на бронзеното време, кога исчезнуваат повеќе бронзени култури и се прекратуваат трговските врски помеѓу народите во Европа и Средоземно Море.