Песни што ме тераат да играм
Според критичарите, музичарите и публиката, албумот „Blue“ на кантавторката Џони Мичел е најголемиот и најдобар албум во кој текстот е напишан, компониран, отпеан, отсвирен и продуциран од женски изведувач. Но исто така е и еден од првите три најголеми албуми во севкупната музичка историја. Еден од оние албуми што ја менуваат свеста, пресвртна точка во смисла на јавно откривање на женската интима. Иако е издаден пред 52 години од Мичел (родена Канаѓанка, која потоа се сели во САД), сѐ уште звучи свежо, најмногу поради вулканот од емоции преточени во феноменалните текстови и софистицирани, прекрасни мелодии од акустична гитара и пијано.
Ако за некого може да се каже дека се соголел докрај емоционално, а притоа се изразил на стил достапен до сите, тоа можe да се каже за Мичел. Албумот е посветен на емотивните врски, кои се сѐ освен обични, почнувајќи од онаа со Леонард Коен, преку Џејмс Тајлор и Грахам Неш, до последниот Нил Јанг, со кого живее и денес. „Bluе“ е тажен, елегичен со страшно емотивни текстови (во светската музичка сцена таа е на ниво на Боб Дилан). Но нејзината најголема болка и тага ја запишува во песната „Little Green“, која ѝ е посветена на нејзината ќерка. Имено, во 1965 г. (на 21 година) раѓа ќерка, но таткото на девојчето си заминува додека Мичел е во третиот месец од бременоста. Канада во тие години е многу конзервативна, абортусот е забранет со закон, околината и роднините не се благонаклонети. Поради тоа детето го дава на посвојување. Неколку години подоцна Џони Мичел станува позната и богата (само овој албум е продаден во повеќе милиони примероци), но не си ја зема ќерката назад, затоа што ќе ѝ пречи во кариерата, иако подоцна изјави дека ја барала, но не можела да ја најде. Таа болка ѝ тежи со години. Триесетина години подоцна се сретнува со ќерка си, која веќе има своја ќерка, но и двете се отуѓени, нема никаква поврзаност помеѓу нив.
Во времето кога беше издаден овој албум, само неколку жени пишуваа за своите интимни проблеми. Но Џони Мичел ги издигнува овие теми на повисоко ниво, ги прави достапни за сите, не се срами од тоа што го чувствува како жена, вистинско откровение. Поради тоа овој албум е значаен, затоа што е прв од тој тип, прв што ги разбива предрасудите, прв албум што станува музичка икона на женската емотивност, така што подоцна ја следат и други изведувачки. За сѐ што има напишано досега има добиено седум награди „греми“ и куп други признанија за пејачка, композиторка, текст. Нејзиното влијание врз голем број изведувачи е неверојатно, вклучувајќи ги тука: Боб Дилан, Леонард Коен, Мајлс Дејвис, Џуди Колинс, Принц, Бјорк и многу други.
Љупчо Давчев