Огромните скулптурни згради направени од снег и мраз од рацете на десетици уметници ќе ве оставаат без здив, а кога преку ноќ ќе бидат осветлени од специјални рефлектори, магијата станува реалност во североисточниот кинески град Харбин, кој повеќе од три децении е домаќин и организатор на познатиот фестивал на мраз и снег.
Фестивалот наречен „Светот на мразот и снегот“, го сочинуваат 65 скулптури од мраз и снежни пејзажи кои се простираат на 400.000 квадратни метри и за чија изработка биле потребни повеќе од 230.000 кубни метри мраз и снег.
Овогодинешното издание на ледениот фестивал е посветено на претстојните Зимски олимписки игри, кои следниот месец ќе започнат во Пекинг и Жанџијаку, и е еден од начините за доближување на зимските спортови до Кинезите.
Во центарот на ледената земја на чудата се наоѓа „Top of Fire“, ледена кула висока 42 метри во форма на олимписки факел. Другите скулптури од мраз имитираат палати, замоци и знаменитости од други континенти.
Една од нив е „Пирамидата на Кукулкан“, инспирирана од древната цивилизација на Маите во Мексико.
Втора година по ред поради пандемијата на коронавирусот откажани се традиционалните натпревари во изработка на скулптури од мраз, лизгање и свадби на мраз, но и покрај ризиците и строгите политики за карантин, туристите продолжуваат да го посетуваат ледениот фестивал и да уживаат во најголемиот снежен парк во светот.