Техно
„Андроид 15“ не носи премногу револуционерни ажурирања, туку повеќе мали промени што станаа достапни со него – заштеда на време, подобрување на безбедноста на податоците и целокупното корисничко искуство. Најновото издание на популарниот оперативен систем на Гугл – „андроид 15“, на прв поглед не изгледа како да има голема надградба, бидејќи нема забележителен редизајн на почетниот екран, нови брзи поставки или други иновативни елементи. Сепак, под површината, сè уште носи неколку корисни подобрувања и функции што го подобруваат корисничкото искуство.
Првите прегледи ги истакнаа функциите како што се приватен простор, сателитско поврзување, предвидливо премотување или архивирање апликации, но има и карактеристики што не беа забележани на прв поглед, кои можат да бидат еднакво корисни во секојдневниот живот. Додека „андроид 14“ првпат ја донесе можноста да го „претворите“ телефонот во веб-камера за вашиот компјутер, „андроид 15“ отиде чекор понатаму и воведе режим што го подобрува квалитетот на сликата. Кога е активирана, оваа опција оневозможува неколку оптимизации.
Бидејќи здравјето на батеријата треба да се одржува, „андроид 15“ им овозможува на корисниците да го ограничат нивото на полнење на батеријата на 80 отсто. Нова безбедносна карактеристика е криењето на името на уредот, многу корисно решение кога го поврзувате телефонот со јавни вифи-мрежи во кафулиња и ресторани, на аеродроми и други јавни места.
Режимот на поделен екран постои на „андроид“ долго време, но „андроид“ сега го олеснува тоа со воведување парови на апликации. Сега е можно да се креираат кратенки за апликации што работат на поделени екрани, така што ќе можете да активирате две апликации на поделен екран со само еден допир. „Андроид 15“ воведе и нови безбедносни карактеристики, кои го спречуваат пристапот до податоците на телефоните. Значи, ако телефонот е украден или изгубен, „андроид 15“ нема да дозволи другите корисници да избришат сè од него и да го регистрираат уредот со нова сметка. Во овој случај, уредот ќе побара потврда за оригиналната шема за отклучување на екранот или најавување користејќи ја сметката на Гугл на сопственикот. Со помош на сензори и вештачка интелигенција, „андроид 15“ може да предвиди дали телефонот е украден, по што веднаш го заклучува екранот. Ова е, инаку, функција што постои и кај постарите верзии на оперативниот систем на Гугл, но вреди да се потсетите на неа бидејќи сигурно го прави вашиот телефон побезбеден.