Тим студенти од универзитетот „Карнеги Мелон“ во Пенсилванија, односно Институтот за роботика, развија автономен робот наречен ТартанПест, кој може да уништи инвазивен вид инсекти (Lycorma delicatula) што уништуваат економски важни култури.
Роботот се состои од електричен трактор, роботска рака и компјутерски вид, благодарение на кои може да се движи низ полињата и шумите, да открива и да уништува јајца од инсектите со помош на ротирачка четка поставена на неговите раце. Четката се ротира за да ги отстрани јајцата и да ги уништи.
Масите од јајца може да содржат од 30 до 50 јајца и често се наоѓаат на дрвја, карпи, надворешен мебел и ’рѓосани метални површини, а ако не се запре ефективно, секоја година се раѓа нова генерација штетници.
– Моментално овој вид инсект е концентриран во источниот дел на земјата, но се очекува да се прошири. Со инвестирање во решение на овој проблем ќе ги спречиме високите трошоци во иднина – вели истражувачката Каролин Алекс од тимот на ТартанПест.
ТартанПест користи роботска рака поставена во основата на електричниот микротрактор „амига“, произведен од калифорниската роботска компанија „Фарм-нг“. Машината користи модел за длабоко учење и збир на податоци за вештачка интелигенција создаден со помош на 700 фотографии од јајцата на споменатите инсекти за да ги идентификува и да ги уништи. Инсектот се шири брзо и лесно и се храни со различни растенија и овошја, вклучувајќи грејпфрут, јаболка, ореви и слично. Само во Пенсилванија прави штета од 300 милиони долари годишно.
Затоа, роботот ТартанПест може да се покаже исклучително корисен за малите фармери и за поширокиот систем на исхрана. Автономниот робот може да помогне во различни сфери, вклучувајќи и намалување на хемиската контаминација на посевите, зголемување на ефикасноста на фармата и намалување на трошоците за работна сила.