За време на Втората македонско-римска војна, римските легии што привремено го зазеле поширокиот регион, во Стибера се снабдиле со потребните житарки. За време на Третата, последна војна што ја воделе Македонија и Рим, последниот македонски крал Персеј токму во Стибера извесен период бил стациониран со својот команден штаб, така што оттука раководел со воените операции кон западните територии населени со Илирите, сојузници на Старите Римјани

Знаменитостите на Македонија

Археолошките остатоци од градот Стибера се наоѓа во северниот дел на Пелагонија, на ридот Бедем, во близината на селото Чепигово, на 16 километри западно од Прилеп. Наоѓалиштето лежи над вливот на реката Блато покрај Црна Река (Еригон).
Стибера постоела од 3 век пред нашата ера до 3 век од нашата ера. Се претпоставува дека во времето на најголемиот подем во градот живееле над 20.000 жители. Формирањето на градот започнало во античкиот период од 4 до 3 век пред нашата ера. Својот најголем процут градот Стибера го имал во 2 век од нашата ера, кога се вршела најголемата обнова на објектите во градот и кога се создале најголемиот број мермерни скулптури и епиграфски споменици. Откривањето на остатоците од архитектонска и портретна мермерна пластика и фрагменти од мермерни плочи со натписи во 2009 година потврдуваат значајната улога на Стибера и нејзините граѓани во рамките на слободните градови во римските провинции. Урбаниот живот во градот се угаснал во втората половина на 3 век од нашата ера.
Од антички пишани извори се дознава дека Стибера веќе била стратегиски значаен град уште за време на владеењето на македонските кралеви. За време на Втората македонско-римска војна, римските легии што привремено го зазеле поширокиот регион, во Стибера се снабдиле со потребните житарки. За време на Третата, последна војна што ја воделе Македонија и Рим, последниот македонски крал Персеј токму во Стибера извесен период бил стациониран со својот команден штаб, така што оттука раководел со воените операции кон западните територии населени со Илирите, сојузници на Старите Римјани.
Во Стибера се откриени голем број скулптури што биле поставени во храмот посветен на божицата на судбината Тихе. Дел од откриените статуи се наоѓа во музејот во Прилеп и во музеите во Скопје, а еден дел бил изложен пред зградата на македонската влада. Се претпоставува дека со досегашните ископувања е откриено само еден-два отсто од археолошкото богатство на градот.
Фактот што во градот имало храм во кој се славеле императорите говори за големото значење на Стибера во рамките на империјата. Оваа чест (неокорија) да биде град со ваков вид храм им била доделувана на мал број градови.
Важен наод од Стибера е мермерната биста на жена, бидејќи, според одредени анализи, станува збор за Фаустина Помладата, сопруга на римскиот император Марко Аврелиј, кој владеел во втората половина од 2 век. Д.Ст.


Пелагонци – античко македонско племе

Градот Стибера се наоѓа на поранешната територија на македонското античко племе Пелагонци, од каде што и потекнува денешното име на Пелагонија, најголемата котлина во Република Македонија. Според една теза, која ја застапува полскиот научник В. Пајанковски, а е поддржана од некои македонски научници, Пелагонците биле составен дел од пајонската група на племиња и имале бригиско потекло. Материјалната култура, погребните обичаи и ритуалите на Пелагонците се еднакви со оние на Пајонците. Наде Проева истакнува дека станува збор за автохтон пајонско-пелагонски етнички агломерат што одамна бил забележан од белградскиот археолог М. Гарашанин. Во „Илијадата“ се споменува заеднички предок Пелагон или Пелегон.
Пајонско-пелагонскиот агломерат се разликувал од илирскиот, односно Пајонците и Пелагонците имале различно етничко потекло и различна материјална култура од илирските племиња. Пајонско-пелагонскиот агломерат се разликувал и од оној во скопско-кумановската област, која имала трибалски (Трибали) карактер. Страбон дава податок дека Пајонците на север се граничеле со Дарданците, меѓутоа не се пронајдени такви археолошки докази. Најверојатно Пајонците во одреден период имале доминација над Трибалите и тогаш се граничеле со Дарданците. Д.Ст.