Секојдневниот живот често ни сервира настани што можат да бидат извор на гнев или нервоза. Луѓето се справуваат со овие чувства на различни начини, но најлошото е да задржите сè за себе, бидејќи бурата тогаш ќе биде посилна и ќе трае подолго.
Истражувањето на Американската психолошка асоцијација од 2021 година покажа дека луѓето се чувствуваат под стрес и вознемиреност повеќе од кога било, а посебен аспект на истражувањето даде интересен резултат. Имено, се покажа дека менталното здравје и кардиоваскуларниот систем се тесно поврзани, дури и повеќе отколку што можеме да замислиме.
Доколку гневот го доживувате хронично, а немате здрав начин да го канализирате или да го изразите на начин што не е штетен за вас, тогаш имате сериозен проблем и далекосежни негативни последици по вашето здравје.
– Постојат добро воспоставени врски помеѓу стресот и изложеноста на траума, а има и добро воспоставени врски помеѓу физичката активност и позитивното здравје на срцето. Затоа е важно секој од нас да има мал вентил за ослободување од стресот. Апстиненцијата е најлоша од психолошки аспект за секој поединец. Она што им го препорачувам на клиентите е вежбање. Тоа е, може да се каже, „магичен куршум“ кога станува збор за управување со стресот и гневот – вели психологот Алфи Бреланд-Нобл.
Постојат одреден тип вежби што се најефикасни за управување со стресот.
– Аеробните вежби значително го намалуваат стресот и го намалуваат нивото на адреналин и кортизол, истовремено зголемувајќи го производството на ендорфини, кои се природни поттикнувачи на расположението во телото – вели психологот.
Според неа, активноста е важна, а типот на вежбањето не е пресуден. Всушност, секаков вид вежбање ќе биде доволно, најважно е да се движите, да одите на прошетка и да се поврзете со природата, да користите скали наместо лифт, сето тоа ќе придонесе за ослободување од стресот и за подобри кардиолошки наоди.