Некои од најлутите пиперки во светот, всушност, се дел од традиционалните рецепти на одредени земји, пишува Си-ен-ен. Пикантни специјалитети на оваа листа се: џерк пилешко/свинско месо – Јамајка, аџам бетуту – Индонезија, бафало чикен вингс – Соединетите Американски Држави, ракчиња во црвено агуахиле – Мексико, пад ка прао – Тајланд, говедски ренданг – Индонезија и Малезија, дакдоританг (корејска чорба со пилешко) – Јужна Кореја.
Прво на листата е фал кари – Бирмингем, Англија (преку Бангладеш). Го има во британско-бангладешки ресторани. Ова британско-азиско кари базирано на домати се смета за едно од најзачинетите кари-јадења во светот. Во ова јадење може да се најдат дури 10 вида пиперки што буквално ќе ви ја запалат устата.
Наведуваме некои од најлутите специјалитети во светот:
Супата егуси, Нигерија
Пиперката скоч бонет додава оган во познатата нигериска супа. Егуси се добива со дробење на семето на дињата егуси, автохтоно западноафриканско овошје слично на лубеница. Освен што се полни со протеини, семките од диња служат за згуснување и додавање текстура и вкус на мешавината од месо, морска храна и лиснато зеленило, кои исто така влегуваат во супата.
Сечуан топла тава, Кина
Предноста на ова јадење не е само во прекрасните затоплувачки состојки од цимет, каранфилче, анасон и, се разбира, сечуански пипер, туку и во тоа што во зачинетата супа можете да го ставите токму она што го сакате. Патка, морски плодови, пилешко, свинско, јагнешко и сезонски зеленчук може да се динстаат во супата со сечуански пипер и сушени пиперки од Сечуан. Исто така познато како чонгкинг хот пот, се вели дека ова јадење било популарна храна за жителите покрај реката Јангце. Во него уживаат оние што можат да ја поднесат неговата пикантност.
Сом там, Тајланд
Од провинцијата Исан во североисточниот дел на Тајланд, оваа свежа и густа салата е главен производ во тајландските ресторани низ светот, а популарна е и во соседниот Лаос. Главна состојка е зелената папаја, која обично се сечка во салатата. Папајата потоа се меша со кинеска боранија или обична боранија и мешавина од вкусни азиски состојки, кои вклучуваат сок од тамаринд, сушени ракчиња, рибен сос и паста од шеќерна трска, меѓу другото. Тајландското чили ѝ ја дава на салатата потребната пикантност.
Пири-пири пилешко, Мозамбик и Ангола
Португалците го вовеле ова зачинето јадење, познато и како пилешко пири-пири, во Ангола и Мозамбик, уште во 15 век, кога измешале африканско чили со европски состојки (пири-пири значи пипер-пипер). А токму таа црвена пиперка му додава пикантност на ова сложено, слоевито и вкусно јадење. Пири-пири парчињата пилешко се маринираат во чили, маслиново масло, лимон, лук и билки како босилек и оригано за вкус што е мешавина од солено, кисело и слатко. Јадењето е исто така популарно во Намибија и Јужна Африка, каде што често е на менито во португалските ресторани.