На ветеранот и еден од зачетниците на македонската забавна музика Томислав Маниќ неодамна внуците му приредиле вистинско изненадување, по повод 90-от роденден. Петар и Љубица направиле големо пано, на кое освен роденденската честитка за саканиот дедо, тие залепиле и повеќе од 30 фотографии од разни периоди од неговиот животот, семејни спомени и убави пораки. А, секако, доминантна е честитката: „Среќен 90-ти роденден, дедо“.
– Моите сакани внуци ми приредија прекрасно изненадување за роденденот и многу им благодарам за времето што го посветиле за изработката на оваа уникатна честитка. Инаку, јас се гордеам со постарата внука Љубица, која ја викаме Бубе, а името го доби по мојата мајка. Таа е студентка на трета година на Природно-математичкиот факултет во Скопје и многу е успешна. Петар е ученик во прва година средно училиште, одличен пливач е, со многу освоени награди, свири гитара и глумеше во првиот игран филм за млади кај нас „Стела“. Во шега му велам дека од мене го наследил талентот, бидејќи и јас како ученик во родниот Пирот сум играл во неколку претстави. Искрено, тие малку побрзаа со честитката, ми додадоа една година плус, бидејќи јас сега наполнив 89 години, зашто сум роден на 22 јануари 1933 година во Пирот, Србија, ама сепак почнав да ги трошам 90-тите години – ни откри Томислав Маниќ.
Изненадувањето се случило во познатото кафуле „Манда“, во центарот на Скопје, кое го држи неговиот син Александар Маниќ, некогашен македонски првак во пливање, чиј талент го наследи синот Петар.
Пред пандемијата на коронавирусот, Томислав често одеше таму да го испие своето утринско кафе, на задоволство на сите присутни, а се надева дека наскоро повторно ќе може да го прави тоа.
Сакајќи да биде во чекор со времето, тој има и профил на социјалната мрежа Фејсбук, а користи и Вибер, каде што пристигнале многу роденденски честитки од колегите и пријателите, но и од некогашните ученици, бидејќи Маниќ замина во пензија како омилен професор по историја.
Со својот карактеристичен пријатен глас, тој овековечил 524 песни во Радио Скопје, соработувајќи со најдобрите македонски автори, со што се вбројува меѓу нашите најпродуктивни пејачи. Своевремено го сними евергринот „Кажи зошто ме остави“, а потоа „Индијана“ и „Жолта липа“ на Драган Ѓаконовски-Шпато, „Пролетно ветре“ на Александар Џамбазов, „Дај ми рака“ на Љубомир Бранѓолица“… Но негов заштитен знак е песната „Црвени рози“ на композиторот Димитар Масевски.