Фото: М.Т.

Калиопи денеска точно напладне, пред голем број пријатели, колеги, соработници, обожаватели и нејзини поддржувачи сите овие години во ресторанот „Воденица- Мулино“ во Скопје го промовираше своето најново музичко парче, едноставно наречено „Албум“.

Посветен е на 40-годишнината од нејзината соработка со Ромео Грил, автор на нејзините најголеми хитови, некогашен сопруг и татко на нивниот син Пако.

И покрај тоа што се разведени Калиопи и Ромео, одлично соработуваат сите овие години. Се разбира Ромео присуствуваше и на денешната промоција, бидејќи во неговото студио во базел, Швајцарија, каде што живее, се созадени и снимени повеќето од песните што се најдоа на новиот носач на звук. Дел се овековечени во студиото „Абракадарбра“на Бранко Попчевски во Скопје. Миксот и мастерингот се направени во „Кроација рекордс“ и во студиото на Филип Видовиќ во Загреб.

Фото: М.Т.

На промоцијата беа премиерно пуштени видета за четири песни од албумот „Калиопи“: „Ела“, чија видео приказна е снимена неодамна во Охрид, „Казна“, песна снимена во соработка со Слаткаристика, кои се на македонски јазик, и на нумерите „Зашто“ и „Дај ми комад душе“, на српски јазик. Истовремено овие мелодии, можеа да се слушнат насекаде во регионот и пошироко, бидејќи беа споделени на официјалниот мзуички канал на нашата поп дива.

Ромео е автор на скоро сите песн, тој ги потпишува и музиката и текстот, аранжманите, а свири и на бас гитара, на клавијатури, програмира…. Спотовите ги продуцираше студиото „Мелем“, а режијата е на Огнен Шапковски.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот, предвидени се два големи концерти на Калиопи пред македонската публика. Првиот е во Битола на 20 јули, во амфитеатарот на Херкалеа, а вториот во Скопје во салата „Борис Трајковски“ на 19 октомври.

По неколку години пауза, Калиопи првпат запеа пред скопјани во април, на концертот на Жељко Самарџиќ во салата „Борис Трајковски“, каде заедно ја испејаа песната „Знам“, што исто така се најде на новиот албум, како и нејзиниот најголем хит „Роѓени“ (Бато), и двете ги потпишува Ромео Грил. Тој е автор и на песните со кои израснаа неколку генерации: „Лео“, „Да море зна“, „Ако денот ми е ноќ“, „Црно и бело“, „Дона“, „Кофер љубави“, „Обои ме“, „Мелем“, „Вучица“…..

Во моментот Калиопи е најекспонирана македонска пејачка во регионот, нејзината публика од ден на ден е се побројна, па се планира и српска верзија на албумот наскоро.
М.Т.