„Има љубов во нас“ е насловена новата песна на Дани Димитровска, за која е снимен и интересен спот, што беше промовиран на вчерашната средба на популарната македонска пејачка со претставниците на седмата сила во скопскиот клуб „Аудио култура“.
Песната, која првично била напишана на англиски, а потоа и на македонски јазик, всушност е најава на новиот албум што Дани го подготвува во соработка со Весна Малинова, која е автор на музиката и на текстот за „Има љубов во нас“.
Со оваа нумера Дани всушност му се враќа на изворот, на цврстиот рок звук во своите песни и како што вели, на истакнувањето на вистинските (музички) вредности, меѓу кои секако на прво место е љубовта.
– Со љубовта можеме да ги запреме сите војни што ги носиме во себе, таа е лек, извор, но и решение. Има љубов во нас е изјава, која ако се повторува како мантра, ќе ни донесе мир и имање сочувство за сите. Иако звучи како клише, љубовта кон себе и кон останатите, е суштина на постоењето и не изградува какао човечки суштества. Пораката е да бидеме позитивни, а спасот од негациите во кои живееме е музиката која ќе не инсприра – рече Дани претставувајќи ја новата песна пред присутните.
Таа додаде дека можеби не е најдобар пејач, но знае дека е одличен спроводиник, кој животна енергија на сцена знае да ја канализира.
– Знам да препознавам насмевки, да раширам раце, а знаеме дека се што е позитивно се пренесува. Тоа е мојот пат и треба да го изодам, јас сум, преносителот, а изворот е Весна Малинова, мојата вечна инпсирација, а мислам дека и јас сум нејзина уште од 2001 година, кога почна нашата соработка. Ете, имама чест да ми биде, другарка, сестра и композитор цели 23 години – рече Дани.
Таа ги претстави и сите кои учествувале во реализацијата на овој проект.
Аражманот е на Јордан Манов, кој свири и на бас, електрична гитара и на тапани.
Јордан Манов, во неговото студио е снимена песната, а миксот е направен кај Дејан Момировски во „Икс икс ел“ студио. Видеото го режираше Марио Станковиќ, а продукцијата е на „Ту бај фор“.
Дани најави за околу еден месец издавање и на втор сингл од албумот, кој би требало да биде готов до ноември, за кога таа планира и голем концерт.
М.Т.