Иако малиот град во северна Италија е познат по својата прекрасна архитектура, уникатниот замок и тврдина, туристите се собираат тука за романса
Кога ќе се спомне Италија, една од најпосакуваните туристички дестинации во светот, веднаш помислуваме на шпагети, на музиката на Ерос Рамацоти, мода, фудбал, Рим, Милано, Венеција, Тоскана. Италија, пак, е пребогата со мали места што ги освојуваат срцата на туристите и љубителите на патувањата и хедонизмот само затоа што се такви. Едно од нив е Сирмионе во северна Италија, во Ломбардија, во провинцијата Бреша.
Неговиот историски центар се наоѓа на полуостровот Сирмио, по кој градот го добил името. Уште во античко време тоа било омилено одморалиште за богатите семејства од блиската Верона. Познатиот поет Катул ја пофалил убавината на гратчето, во кое имал вила за одмор. Сирмионе бил дел од Венецијанската Република од 1405 до 1797 година, кога дошла под власт на Хабсбуршката Империја. Стана дел од Кралството Италија во 1860 година.
Сирмионе е и симбол на љубовта и романтиката, а тоа најдобро го прикажа скулпторот Лило Марчијано во скулптурата „Бакнеж“, која се наоѓа на панорамската точка на езерото во центарот од 2009 година. Пред скулптурата доаѓаат и заљубените двојки да се бакнат и да се заколнат на вечна љубов…
Туристите не ја пропуштаат обиколката на вилата „Калас“, која била во сопственост на Џовани Батиста Менегини, кој во педесеттите години на минатиот век оваа куќа ѝ ја посветил на својата сопруга, една од најголемите светски оперски диви на сите времиња, Марија Калас. По нивниот развод, вилата била продадена и реновирана, а денес е музеј посветен на Марија Калас.