Фото: М.Т.

Гала промоција на новиот сингл на Калиопи и Жељко Самарџиќ

Неодамна, кога настапував во Будва, Црна Гора, се сретнав со Жељко, направивме селфи и јас веднаш му го испратив на Ромео со зборовите: „Ние чекаме песна од тебе“. А тој сериозно го сфатил тоа, и сѐ се случи многу брзо и наскоро се најдовме во студио и ја снимивме „Знам“. Има моменти кога јас и Жељко сме споделувале живот, но, не ни сонував дека еден ден тој живот ќе го пресликаме во песна, со многу биографски мои и негови моменти. Иксрено, „Знам“ ќе ја вбројувам во мои три најомилени рефрени, заедно со „Бато“ и „Црно и бело“, рече Калиопи на денешната промоција во Скопје

По белградската, денеска се одржа скопската промоција на „Знам“, новата песна и спотот снимен за неа, прва соработка на Калиопи и Жељко Самарџиќ. Песната која излезе од музичката работилница на Ромео Грил, предизвика вистински емотивен земјотрес, меѓу обожавателите на двајцата големи пејачи, но и кај сите љубители на убавата музика.

На денешната промопција што се одржа точно напладне во „Аудио култура“ во скопската населба Тафталиџе, присуствуваа голем број претставници на седмата сила, колеги, пријатели и почитувачи на Калиопи.

Инаку, „Знам“ веќе има над 500.000 прегледи на Јутјуб, а како што велат Калиопи и Жељко Самарџиќ, тие постојано добиваат пораки и комплименти од целиот регион.

– Песната „Знам“, балада со среќен крај, одушевува, луѓето пред сѐ ја препознаа убавата порака на Калиопи и на Жељко, за важноста на љубовта во нашите животи – рече новинарот Иван Беќковиќ отворајќи ја скопската промоција.

Тој дополни дека овој проект е круна на 40-годишното пријателство меѓу Калиопи и Жељко. Тие првпат се запознале во 1984 во Скопје, на југословенскиот Избор на песна за Евровизија. Тогаш Калиопи била придужен вокал на Маја Оџакливеска во песната „Ники, Ники“, а Жељко ја пеел мелодијата „Линда“ со групата „Рондо“.

Фото: М.Т.

Бидејќи на белградската промоција Калиопи имала прва збор, таа сега честа му ја препушти на Жељко Самарџиќ.

– Навистина ми е задоволство што долгодишното пријателство со Калиопи го крунисавме со оваа прекрасна песна која ќе се слуша долго, долго. Испраќаме порака, дека во животот кога човек ќе направи кула, односно дом, тој ќе се труди таа никако да не се урне, да не падне ниедна тула. Драго ми е што целото снимање, тука во Скопје, тие неколку дена поминаа одлично. Продукцијата е врвна и нека живее љубовта, како што пееме и во „Знам“ – рече тој.

Фото: М.Т.

Калиопи, поздравувајќи ги присутните изјави дека е многу среќна што промоцијата се случува на улицата за која ја врзуваат спомени од детството.

– Денеска овде со вас се чувствувам како дома, како што секогаш се чувствувам кога доаѓам во Скопје, овојпат со навистина убав повод. Ќе ви отркријам дека мене прво ме освои мелодијата на „Знам“, која по форма е триделна. Овојпат со Ромео работев на поинаков начин, тој ми покажа нешто недовршено, првпат тоа го направи со песната „Црно и бело“ . Кога ми ја прати мелодијата без довршен аранжман, уште на првото слушање ми потекоа солзи и знаев дека е многу голема. Кога го слушнав и текстот и кога бев подготвена да му ја испратам на Жељко, тоа исконско чувство беше заемно, на двајцата ни затреперија пеперутките во стомакот и сѐ беше лесно и хармонично. Ромео дојде во Скопје, почнавме со снимање во студиото н Бранко Попчевски, со кого долго соработувам и многу го почитувам. Александар Ристовски- Принц, пак, го сакам заради умешноста да ја проследи со слика приказната што ние ја раскажуваме и создаде прекрасен спот. Среќни сме за ефектот што песната го направи. Се нижат пораки, реакции кои нѐ радуваат и ни укажуваат дека она што сме го напаравиле е вистинско – рече Калиопи со многу емоции.

Таа ја прочита и пораката што стигнала од БиХ, од Ханка Палдум, во која таа вели дека сака да ги прегрне своите колеги и пријатели, за песната што ја отпејаа, која урива граници и ја враќа вербата дека искрената емоција секогаш допира до срцата на луѓето“.

Фото: М.Т.

Но како се случи оваа соработка, што беше иницијална каписла?

– Неодамна, кога настапував во Будва, Црна Гора, се сретнав со Жељко, направивме селфи и јас веднаш му го испратив на Ромео со зборовите: „Ние чекаме песна од тебе“. А тој сериозно го сфатил тоа и се се случи мнмгу брзо. Има моменти кога јас и Жељко сме споделувале живот, но, не ни сонував дека еден ден тој живот ќе го пресликаме во песна, со многу биографски мои и негови моменти. Искрено, „Знам“ ќе ја вбројувам во мои три најомилени рефрени, заедно со „Бато“ и „Црно и бело“ – ни откри Калиопи.

На тоа Жељко со надоврза со коментарот дека Калиопи има огромна енергија и за него е храброст што се нафатил да пее со неа.

– Вистинската мерка ја откри Ромео кога бевме во студио. Нему му успеа да ја смири таа нејзина вулканска енегрија и таа да се доближи до мојот начин на пеење – изјави тој.

Фото: М.Т.

Изненадување за сите беше фактот дека на промоцијата присуствуваше и Ромео Грил, во чие студио во Швајцарија се роди „Знам“. Тој е автор на музиката, текстот и на аражманот, а застана и зад продукцијата.

– Драго ми е што сум тука, за да прославиме уште еден хит на Калиопи и на Жељко. Роден сум во Дебар Маало, на 200 метри од тука и секој мој успех е успех и на моето Скопје. Мило ми е што нашата музика се слуша во целиот регион, па и пошироко. А што се однесува до оваа песна, таа не е правена со намера да биде хит, туку пред се сакавме да круниса едно долгогодишно пријателство и мене ми беше чест да бидам дел од оваа приказна. Во еден момент во студио се чувствував како славниот Мартин Скорсезе кој соработува со ѕвезди од калибарот на Роберт Де Ниро и Шерон Стоун, зашто привилегија е да се соработува со вакви култни уменици кои се успешни долги години, а се надевам најубавото од нив допрва следи – вели Ромео Грил.


Жељко Самарџиќ: Текстот на песната допира до луѓето

За првите впечатоци по слушањето на „Знам“, Жељко Самарџиќ вели:

– Кога Калиопи ми ја прати демо снимката, мене тоа што го слушнав веднаш ми се допадна, но дури кога го прочитав текстот ја склопив целата слика. За мене освен музиката, многу е важен и текстот на песната, тоа е она што ќе ве натера да ги пеете заразните рефрени на концертите, а Ромео навистина напиша многу емотивен текст кој допре многумина. Нашата цел, моја и на Калиопи, беше нашите емоции да ги слееме во една и тоа ни успеа – ни рече Самарџиќ.


Калиопи: Соработката со Ромео ми е подарок од судбината

Ромео Грил, некогашниот сопруг, а 40 години и соработник на Калиопи, за неа напишал прекрасни песни, а токму оваа нивна релација, за неа е подарок од судбината.

– Ромео е мојот ураган од Швајцарија , кој одлично ме познава. Како поминува времето, стануваме се поискусни и позрели, а она што ни се случи во приватниот живот не влијаеше на нашата професионална соработка. Па ние и покрај тоа што се разведовме го снимивме антологискиот албум „Обои ме“. Нашата средба е судбоносна, Господ нѐ споил, зашто едноставно, мене тоа морало да ми се случи. Ние сме „нахраниле“ досега многу души со нашите четиридеценсики песни-подароци – вели Калиопи.