Рафинираниот шеќер се смета за еден од најштетните производи, а може да се најде во голем број производи, како слатки, житарки, овошни јогурти, но и во разни солени сосови и преливи. Затоа многу луѓе несвесно консумираат големи количества рафиниран шеќер, што може да доведе до сериозни здравствени последици. Нутриционистката Џерлин Џонс наведува дека рафинираниот шеќер всушност се обработува од шеќерна трска или шеќерна репка и не содржи влакна.
Тоа е клучната разлика помеѓу додадените и природните шеќери. Иако вашето тело не мора да ја воочува разликата, додадените шеќери обично доаѓаат во пакувања без хранливи материи, како влакна и витамини. Затоа не е лошо да знаете како рафинираниот шеќер влијае на вашето тело.
Мозок
Во една студија од 2013 година во „Американ џрнал оф клиникал нутришн“ се наведува дека мозокот го гледа шеќерот како награда, што може да ве натера да го посакувате во поголеми количества и на тој начин да станете зависни. Рафинираниот шеќер може да влијае и на вашето ментално здравје.
Заби
Вистина е дека консумирањето рафиниран шеќер може да го зголеми ризикот од расипување на забите. Според една студија од 2016 година во „Џрнал оф дентал рисрч“, кај лицата што консумирале многу шеќер имало 66 отсто поголема можност за расипување на забите во споредба со оние што консумирале помало количество шеќер.
Срце
Консумирањето рафиниран шеќер ве изложува на поголем ризик од смрт од срцеви заболувања. Студијата објавена во списанието „ЈАМА интернал медисин“ покажа дека луѓето со прекумерно внесување рафиниран шеќер го зголемуваат ризикот од срцев удар за 38 проценти.
Црн дроб
Кога консумирате рафиниран шеќер, тој оди од вашите црева до црниот дроб. На тој начин шеќерот најмногу влијае на вашиот црн дроб. Иако црниот дроб има ензим што контролира колку гликоза влегува и колку се пренасочува во крвотокот, тој не може да ја спречи фруктозата. Тоа значи дека речиси целата фруктоза што ја внесуваме се повлекува во црниот дроб, дури и кога не ни е потребна.
Хормони
Со текот на времето премногу шеќер може да го направи вашето тело отпорно на инсулин, што значи дека хормонот не ја врши добро својата работа. Студијата од 2013 година објавена во списанието „Обесити“ покажа дека само седум дена зголемено внесување рафиниран шеќер може да ја намали чувствителноста на инсулин.
Кожа
Рафинираниот шеќер може да влијае и на вашата кожа така што ќе ја направи надуена и без сјај. Консумирањето големи количества шеќер може да ги влоши воспалителните состојби, како што се акните. Покрај тоа, шеќерот може да го забрза и процесот на стареење на кожата.