Денеска е Велипеток, кој му претходи на Велигден, па да се потсетиме на некои верски обичаи на овој ден. Велипеток е еден од најтажните денови во христијанството и на тој ден не бијат камбаните, луѓето тивко разговараат и се пости. Велипеток е ден поминат во строг пост и без никакви празнувања.
Празничните прослави и неработните денови за повеќето започнуваат на Велипеток, но тоа не е причина да се радувате на тој ден и да јадете многу и маснотии. Според канонот, на трпезата може да има само храна приготвена исклучиво во вода: зеленчук на пареа, свежо или суво овошје и зеленчук, како и леб, мед и ориз на пареа.
Многу луѓе грешат кога мислат дека тој ден се дозволени посни грицки – крекери, стапчиња, чипс, наполитанки и други кондиторски производи без млеко, бидејќи содржат или масло или маргарин. Не се пожелни ниту ратлук ниту бонбони од желе, бидејќи содржат желатин.
Во повеќето домови кај нас се смета дека на Велипеток треба да се јадат риба и супа од риба, како и компир-салата со масло, што, според православниот канон, не е соодветно. Не е препорачливо ни да се посолува храната, бидејќи се смета дека на тој начин дополнително „се истура сол на Исусовите рани“. Кога јадете, исто така не треба да користите виљушка и нож. Бидејќи велигденскиот пост е исклучително строг, верниците што строго се придржуваат до неговите правила треба да се воздржуваат од храна и пијалаци на Велипеток до зајдисонце. А од овој обичај се ослободуваат само децата, трудниците и болните. Свештениците забележуваат дека постот во православното христијанство не е само воздржување од одреден вид храна туку и од сите форми на грешни постапки, мисли и желби.