Научниците открија алтернатива што може да ги замени светките што се користат во декоративната козметика и во некои прачиња облека. Се чини дека оваа алтернатива е побезбедна за почвата од конвенционалната микропластика, покажа истражувањето предводено во Австралија. Дури и пред Тејлор Свифт да стави „светкави пеги“, светките беа барани, продавани во мали шишенца и користени за сè: од облека до божиќни украси, картички и шминка. Овие светки завршуваат насекаде во околината. Додека некои научници повикаа на нивна целосна забрана, новото истражување откри пенлива замена што може да биде побезбедна за почвата. Истражувачите од Универзитетот во Мелбурн ги тестираа ефектите на конвенционалните светки и оние на база на целулоза во различни концентрации врз почвата и врз здравјето на животните.
Коавторката и екотоксиколог на Универзитетот во Мелбурн, Сузи Рајхман, рече дека резултатите ги истакнуваат потенцијалните ризици што микропластиката ги има за здравјето на почвата.
– Сите знаеме дека пластиката е голем проблем за нашите океани. Но она што многу луѓе не го знаат е дека всушност има повеќе пластично загадување во нашата почва, а тоа потенцијално има исто толку големо влијание – рече таа.
Светките направени од нанокристали од целулоза се развиени од истражувачи од британскиот универзитет во Кембриџ. Сјајната прашина е направена од тенки слоеви целулоза, вид шеќер што природно се наоѓа во памукот и дрвото, кои потоа се разложуваат на ситни кристални структури. Врз основа на резултатите, Рајхман рече дека целулозниот сјај е веројатно побезбеден, истакнувајќи дека во тек се понатамошни истражувања за неговите ефекти врз водната средина.
Касандра Рауерт, која ја истражуваше изложеноста на луѓето и на животната средина на микропластика на Универзитетот во Квинсленд, вели дека светките завршуваат во почвата, во водата и во воздухот, а микропластиката и хемикалиите што ги содржат се загрижувачки за здравјето, бидејќи би можеле да се разделат на многу помали парчиња и да ги преминат биолошките бариери во нашите тела. Импликациите сè уште се непознати. На пример, ако ги вдишеме, тие би можеле да поминат низ дишните патишта и белите дробови, да навлезат во крвта и потоа да циркулираат низ телото.