Влоѓимјеж Пјанка, полски лингвист и македонист, вели дека името на селото е посвојно образувано со помош на наставката -јно од личното име Љубота или можеби од женското име Љубова. Тоа се потврдува и низ преданијата на некои од селаните
Знаменитостите на Македонија
Селото е сместено на околу два километра источно од Големо Преспанско Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, во долниот тек на живописната долина на Брајчинска Река. Се простира на двата брега на реката, на надморска височина од околу 920 метри. Се наоѓа два километра од езерото, а на 28 километри оддалеченост од Ресен.
За разлика од повеќето преспански села, во вистинската смисла на зборот Љубојно е село од собран, дури збиен тип, со околу 350 куќи, градени наблиску или меѓусебно поврзани и правилно распоредени од двете страни на јасно создадените и делумно асфалтираните улици. Основен белег на селото му даваат куќите градени меѓу двете светски војни, со печалбарски пари. Нив посебно ги красат фино делкан камен, разнобојни фасади и вкусно гелендирани балкони. Двориштата во кои се наоѓаат преостанатите стопански објекти (тремови, штали, плевни, магацини, гаражи, фурни, бунари, гумна и сл.) главно се оградени со високи авлии и широки порти. Денес се обновуваат старите, но се градат и нови современи куќи. Селото Љубојно носи особености на мала градска населба.
Љубојно е старо христијанско село, во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Љубоини, Лјубојно, Љубоино и Љубојно) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во втората грамота на царот Душан од 1337 година, кога тој му ја подарил селската црква „Свети Никола“ на манастирот Трескавец. Подоцна Љубојно повторно се спомнува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба.
Според записите на хуманитарната делегација на Скопската митрополија во книгата „Спомени од една обиколка во 1903“ (издадена во 1910 година), за време на Илинденското востание, Љубојно било опколено од војска од три страни, при што биле изгорени 105 македонски и 11 турски куќи, а само една мала куќичка среде селото останала здрава. Страдањата и случувањата за време на Илинденското востание во Љубојно се запишани на спомен-плочата што се наоѓа на куќа веднаш до патот кон Брајчино во горниот дел на селото.
Во Првата балканска војна (ноември 1912) селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Во еден период на војната (1916 година), Љубојно било засолниште за евакуираните жители на селото Долно Дупени. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, селаните биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. голема Албанија. Во Љубојно била основана општина (истурен пункт на потпрефектурата Царев Двор). Во селото имало италијанска војска, карабинери и албанска полиција. На 12 декември 1941 година во селото биле одржани жестоки демонстрации против назначувањето албанска администрација (кмет, чиновници и учители). По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 септември 1943 кај селската црква во борбите против хитлеровските германски банди при разоружувањето на италијанската фашистичка војска јуначки загинале Кичо Чулаковски од Љубојно, кој живеел во битолското село Бистрица, Ристо Т. Ѓоршевски од селото Канино (Битолско) и Фари К. Ибраиме од селото Нижеполе (Битолско). Овој историски настан е запишан на спомен-плочата на НОБ, која се наоѓа на оградата до влезот во дворот на селската црква и гробишта на сретсело. На 8 ноември 1943 година селото паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Д.Ст.
Љубојнски манастир
Љубојнскиот манастир е сместен на околу еден километар југоисточно од преспанското село Љубојно, во коријата над селото. Неговиот комплекс го сочинуваат црквата „Св. Петар и Павле“, чешмата и камбанаријата. Црквата „Св. Петар и Павле“ се одликува со архитектура од двете светски војни, изградена во 1923 година од страна на браќата Никола и Јоше Стасовски. Црквата и самиот манастир биле изградени во 1923 година со средства обезбедени од браќата Никола и Јоше Стасовски. Главната и единствена манастирска црква е посветена на Свети Петар и Павле. Црквата е сместена во пошумениот дел од планината, на едно мало плато над селото Љубојно. Од селото до црквата се стигнува по земјен шумски пат за околу 30 минути. Црквата била подигната во 1923 година, што може да се забележи и од натписот на западната фасада, со средства на Никола Христов Стасовски од селото Љубојно. Од северната страна, практично на самиот влез во манастирскиот комплекс, се издигнува камбанаријата, со дрвени скалила, од каде што се овозможува прекрасна глетка кон селото Љубојно и Преспанско Езеро.