По 14-ти пат се случи 48-часовниот маратон во креирање видеоигри „Глобал гејм џем – Скопје“, организиран од Асоцијацијата на македонската индустрија за видеоигри – МГИ. И овој пат се зголеми бројката на учесници за дури 38 проценти. Досега рекорден број од 132 учесници на една локација се проширија на два ката во „Бејс42“ и се формираа 25 тима, а тие направија неверојатни 25 игри, од кои 22 видеоигри и три бордгејма.
Темата за оваа година беше „Маска“, а истовремено се случуваше во 132 земји во светот, каде што глобално учествуваа 474.517 учесници и се креираа 101.246 игри.
„Глобал гејм џем“ се случува секоја година, во последниот викенд во јануари и е најголемиот двигател на индустријата за развивање игри во Македонија. Ова е најголемиот светски настан за видеоигри – тридневен предизвик каде што учесниците во истиот период низ целата планета работат на создавање сосема нови видеоигри. Целта е да се поттикнат креативноста, соработката и иновативноста, овозможувајќи им на учесниците да ги споделат своето знаење и вештини.