ФОТО:Пиксабеј

Прототипот на сателитот стана еден од најсветлите објекти на ноќното небо, а наскоро може да му се придружат и десетици други.
Набљудувачката кампања што го следи сателитот „БлуВокер 4“, кој беше лансиран од компанијата „АСТ СпејсМобил“ во септември 2022 година, откри дека тој е неколкупати посветол од речиси сите ѕвезди и планети што можат да се видат од Земјата. Само грст ѕвезди и планети имаат посилен сјај.
Податоците, објавени во списанието „Нејчр“, ја нагласуваат зголемената загриженост кај астрономите, кои предупредија дека зголемувањето на сателитите во ниската орбита на Земјата може да го промени нашиот поглед на ноќното небо и да ги наруши истражувањата.
Истражувачите од Центарот за заштита на темното и тивко небо од мешање на сателитски соѕвездија на Меѓународната астрономска унија го набљудувале „БлуВокер 3“ во период од 130 дена. Неговата антена е само малку помала од 65 квадратни метри, што го прави најголемиот комерцијален сателит во орбитата на Земјата досега. Таа огромна антена ја рефлектира сончевата светлина, а откако се развила, светлината вртоглаво пораснала. Ефектот не е константен, но варира во зависност од факторите по патеката на положбата на сателитот во однос на Сонцето, како и од аголот на гледање. Тимот на ЦПС направи набљудувања од локации во Чиле, САД, Мексико, Нов Зеланд, Холандија и во Мароко.
– Овие резултати покажуваат континуиран тренд кон поголеми и посветли комерцијални сателити, што е особено загрижувачко со оглед на плановите за лансирање многу повеќе во наредните години. Додека сателитите можат да играат улога во подобрувањето на комуникациите, императив е нивното мешање во научните набљудувања да се сведе на минимум – рече еден од авторите на студијата, Зигфрид Егл.
„АСТ СпејсМобил“ планира да лансира флота од околу 100 сателити врз основа на дизајнот на „БлуВокер 3“.
Компанијата „Спејс екс“ веќе има илјадници сателити во орбитата и е на удар поради потенцијалното влијание на ноќното небо. Оваа компанија веќе експериментираше со темни облоги за да ги намали рефлексиите, но успехот беше ограничен. За астрономите тоа не е доволно. Станиците што го набљудуваат небото од земја мора да развијат стратегии за избегнување сателити за да ги „заобиколат“ вештачките соѕвездија.
Видливоста не е единствениот проблем. Комерцијалните сателити, вклучувајќи го и „БлуВокер 3“, ја преплавуваат ниската Земјина орбита и би можеле да се мешаат во радиоастрономијата. Друга студија објавена претходно оваа година покажа дека сателитите „Старлинк“ емитуваат „ненамерно електромагнетно зрачење“, што може да се меша со телескопските набљудувања.