Можеби најголемиот мит од сите е дека има само една дефиниција за добар татко. Вие сами ја создавате идејата што значи татковство според вас самите и според потребите на семејството
Автор: Д-р Јован Ефремовски, гинеколог во „Ре-Медика“
Улогата на таткото при породувањето сега драстично е промената од времињата кога партнерот можеше само да седи во чекалницата на болницата и да го очекува радосното соопштение на гинекологот. Денес многу мажи активно се вклучени во целиот процес додека се чека бебето, од моментот кога тестот станува позитивен, со заеднички посети на гинекологот, вежби за психофизичка подготовка на трудници, породувањето, па и потоа со заеднички посети на педијатарот.
Некои мажи лесно ги прифаќаат овие обврски, а некои не. Не сите мажи можат да издржат да бидат присутни кога жената има контракции за породување и при породувањето. Но, за повеќето од нив, тој момент на раѓање на сопственото дете е најголемото доживување во животот.
Посетата на часовите за трудници е од непроценлива важност. По презентирањето што сè се случува при породувањето и идните татковци се чувствуваат посамоуверени, стекнуваат идеи и учат техники за тоа како може да и помогнат на својата жена во текот на породувањето. Сестрата-акушерка може многу да помогне со тоа што го насочува мажот и му кажува како да се однесува и како релаксирано да учествува и помага.
Повеќето татковци претпоставуваат што значи да се биде татко. Овие идеи влечат корени од искуствата со сопствениот татко и во верувањето што општеството го очекува од таткото. За жал, постојат мал број тестови кои би му помогнале на мажот да ги тестира овие дубиози. Сепак, колку повеќе ги испитувате и разбирате вашите некажани очекувања по однос на татковството, толку повеќе имате шанса да станете подобар татко.
Можеби најголемиот мит од сите е дека има само една дефиниција за добар татко. Вие сами ја создавате идејата што значи татковство според вас самите и според потребите на семејството. Ова се преостанатите пет мита:
1. Само чувствата на идната мајка се важни – телото на жената се менува за време на бременоста, фокусот на процесот на раѓање се става на жената и затоа се мисли дека само нејзините чувства се важни. Мажите се плашат да не ја оптоварат жената со нивните грижи. Вашата грижа за нејзиното физичко и ментално здравје се важни сега и во постпородилниот период, но исто така и вашите чувства се важни. Лесно е идниот татко да зборува за својата возбуда поради тоа што ќе стане татко. Но е потешко да зборува за нешто исто така важно – стравот и неизвесноста. Дали сè ќе се заврши добро? Да не настанат компликации? Да не се онесвестам при породувањето? Дали ќе се промени нешто во нашата врска? Дали ќе може да продолжам со мојата кариера? Каков татко ќе бидам? Идниот татко мора да ги слушне чувствата на жената и треба да се разговара отворено со него за тоа. Тоа ќе ве направи поблиски. Може да се дружите и со други идни татковци или да прочитате книга за станувањето татко, како и да
ја придружувате сопругата на вежбите за психофизичка подготовка за трудници. Не се срамете од своите чувства на неизвесност и страв. Со нивното излагање го побивате митот дека само чувствата на мајката се важни и ги поставувате темелите на активно вклучен татко.
2. На новороденчињата всушност не им е потребен татко – поради силната врска меѓу мајката и новороденчето, особено она кое се дои, таткото се прашува дали навистина бебето има потреба од него. Секако да. Таткото е значајна личност во неговиот живот, и бебето сака да поминува релаксациски моменти со својот татко. За да се поврзете повеќе со вашето бебе држете го, нишкајте го, зборувајте му, но нека биде тоа по неговото хранење за да биде концентрирано на вас. А со тоа ќе и дадете време и на мајката да се одмори поподојувањето. Може и вие да му давате млеко на вашето бебе доколку мајката го измолзи млекото или ако бебето прима адаптирано млеко. Може да помогнете индиректно со тоа што ќе и завршите некоја работа на мајката во домот. А со тоа таа ќе има повеќе слободно време за заеднички моменти на релаксација. Запомнете дека му помагате на целото семејство.
3. Мажите не знаат како да се грижат за мало дете – ова е голема лага што ги држи татковците на дистанца од своите бебиња и предизвикува непотребна грижа кај мајките,
кои мислат дека татковците не се способни да се грижат за новороденчето. Но родителството може да се научи од сите, и од мајките и од татковците. Ако поминувате време со малото бебе, вие ќе почнете да ги препознавате неговите потреби. Понекогаш е добро нешто сами да направите или да имате задачи кои се ваши, кои треба вие самите да си ги извршувате. Така ќе докажете пред другите, а и пред себеси дека сте способни за грижа околу новороденчето.
4. Мажот кој се концентрира на грижата околу бебето нема да има успешна кариера – не е точно дека мажот кој се ориентирал кон семејството не е успешен на работното место. Многумина родителството го сметаат за многу значаен период, со голема цел во него, и тоа го крева статусот на татковците. Некои мажи ги заменуваат успесите во кариерата со времето поминато со фамилијата, бидејќи повеќе ја ценат исполнетоста што ја чувствуваат со татковството. Сè повеќе мажи сметаат дека да се биде добар татко е значајна придобивка во животот и му даваат предност на тоа во споредба со кариерата.
5. Ќе бидеш ист како твојот татко – вашиот татко ќе добие друга функција кога вие ќе станете татко. Нормално е дека ќе се навраќате на вашето детство и на улогата на таткото во него, и ќе ги следите неговите чекори. Но вашиот татко не е единствениот модел на татко. Тој само има огромно влијание на тоа каков татко вие ќе станете.
Влијаат и учителот, тренерот, пријателите, стрико, вујко, браќа и многу други личности од вашиот живот. Може да искористите сè што сметате за позитивно од страна на вашиот татко. Во светот нема еден единствен модел на татковство. Различни култури му приоѓаат на татковството на различни начини и значењето му е различно. За некои да се биде добар татко значи да се обезбеди семејството со дом, храна, образование. Сите татковци поминуваат различно време со своите деца. Вие мора да направите избор за она што е најдобро за вашето семејство. Сфатете го татковството како улога во која прераснувате со нејзино секојдневно истражување.
Како да им се спротивставите на овие 5 мита за татковството?
1. Размислете како тоа да се биде татко влијае на вас. Разговарајте за тоа со сопругата и со другите нови или идни татковци.
2. Држете го, нишкајте го и зборувајте му на новороденчето веднаш пораѓањето.
3. Научете како се менуваат пелените, како се бања и храни бебето и бидете дел од секојдневниот живот.
4. Размислете што од вашата кариера може да трпи за сметка на поминатото време со бебето. Ова е долг експеримент за кој треба време.
5. Издвојте што најмногу сакате кај вашиот татко, наставник, тренер, пријател и роднина за да создадете ваш сопствен идентитет како татко.