Респираторните вируси кои ги засегаат горнореспираторните патишта клинички се манифестираат како ринитис, фарингитис, ринофарингитис, тонзилитис, ларингитис,тонзилоларингитис и синузитис
Автор: Д-р Бобан Блажевски
Од почетокот на училишната година и на престојот на децата во градинките, зачестија вирусните и бактериски горнореспираторни заболувања. Тоа ќе продолжи и во периодот што претстои. Самиот факт дека се престојува подолго време во затворен простор без заштитни маски, а знаејќи какви две години поминавме изолирани од секакви социјални контакти и контакти со патогени вируси и бактерии, многу е веројатно дека брзината на пренесување на вирусите и бактерии и нивната заразност ќе бидат екстремно високи. Исто така голема улога за зачестените горнореспиратони инфекции имаат и големата влажност на воздухот и во просториите, како и атмосферските загадувања. Во зимскиот период, поради ниските надворешни температури, доаѓа и до пад на имунитетот, што остава простор за нови респираторни инфекции.
Висока заразност и лесно пренесување
Општа карактеристика на вирусните инфекции е високата заразност и лесното пренесување од едно на друго лице.
Се смета дека децата во текот на една календарска година можат да прележат и до 12 вирусни инфекции, кои можат да следуваат една по друга. Таков чест пример ни е инфекцијата со коксаки вирусот (Coxackievirus) кој спаѓа во групата на ентеровируси. По таа инфекција имунитетот е толку многу паднат што многу лесно децата веднаш накалемуваат нов вирус или секундарна бактериска инфекција, па е потребно дополнително доизлекување со антибиотик. Инциденцата на овие вируси се намалува со растењето.
Респираторните вируси кои ги засегаат горнореспираторните патишта клинички се манифестираат како ринитис, фарингитис, ринофарингитис, тонзилитис, ларингитис,тонзилоларингитис и синузитис. Доколку соодветно и навремено не се третираат, состојбата може да се искомплицира со долнореспираторни вирусни и секундарни бактериски инфекции, со појава на бронхитис, бронхиолитис или пневмонија.
Во 80 отсто од случаите, најчести предизвикувачи на горнореспираторните инфекции се вируси, и тоа Риновируси, Аденовируси, вирус Инфлуенца (грип), Параинфлуенца. Поретко, но во последно време со голем пораст, се секундарните бактериски инфекции на горнореспираторниот систем кои успешно и навремено успеваме да ги детектирме преку брисевите. Најчести резултати од нив се позитивни наоди со: стафилококус ауреус (Staphylococcus aureus), стафилококус пневномија (Streptococcus pneumonia), мораксела катаралис (Moraxela catharalis), хемофилус инфлуенца (Haemophilus influenza), ентерококус (Enterococcus), кои ги лекуваме според добиениот антибиограм, системски или локално, зависно од наодот. Најретки заборувања на горнореспираторните органи се габичните инфекции.
Како се пренесуваат респираторните инфекции
Респираторните инфекции можат де се пренесуваат директно и индиректно.
• Директно – преку пренос на секретот од носот од горните дишни патишта на инфицирани лица. Може да се пренесе преку контакт со предмет на кој се наоѓа вирусот.
• Индиректно – преку честички од секретот на горните респираторни патишта кои се расејуваат низ воздухот преку кивање и кашлање, кои потоа доаѓаат во контакт со кожата или слузокожата на новоинфицираното лице.
Видови горнореспираторни инфекции
Горнореспираторни инфекции се акутен назофарингитис, акутен синузитис и акутен ларингитис.
• Акутен назофарингитис или воспаление на носот и грлото кај народот познато и како настинка или кивавица. Клинички се манифестира со кивавица и течење на секрет од носот, прво воденест, а потоа и слузест. Понекогаш се јавува замор и слаба главоболка со температура од 37 до 38 степени. Болеста трае околу 5 дена. Ефикасен лек против настинка не постои, па затоа потребно е превентивно да се зголеми имунитетот. Лекувањето е симптоматско, се користат антипиретици за намалување на телесната температура, деконгестивни лекови, витаминска терапија и со пиење многу течности.
• Акутен синузитис претставува воспаление на слузницата на носот и синусите и се манифестира со главоболка, обично во пределот каде што се синусите кои се зафатени од воспалението, потоа намалено чувство на мирис и вкус, отежнато дишење низ носот. Како терапија се користат инхалации со физиолошки раствор со можност на мешање со кортикопрепарат или деконгестив, аналгетици, антипиретици, витамини. Антибиотици се користат само онаму каде што лабораториски или микробиолошки е докажан бактериски причинител на воспалението.
• Акутен ларингитис претставува воспаление на слузницата на гркланот кој обично се јавува во зима и во рана пролет, кога доаѓа до оток на гласните жици и стеснување на отворот на гркланот. Симптомите се сува надразнителна кашлица, зарипнатост, лесна болка и зголемена температура. Зарипнатоста може да потрае и до неколку недели. Се советува мирување, инхалаторна терапија и да не се напрегаат гласните жици, а по потреба и антибиотска терапија.