Речиси 3,8 милијарди луѓе би можеле да се соочат со екстремна топлина до 2050 година, а додека тропските земји ќе го носат товарот, постудените региони исто така ќе мора да се приспособат, предупредуваат научниците.
Побарувачката за ладење ќе се зголеми „драстично“ во огромните земји, како Бразил, Индонезија и Нигерија, каде што стотици милиони луѓе немаат клима-уреди или други средства за борба против топлината. Но, дури и умерено зголемување на потоплите денови би можело да има „сериозно влијание“ врз земјите што не се навикнати на такви услови, како што се Канада, Русија и Финска, велат научниците од Универзитетот во Оксфорд.
Поголемиот дел од влијанието ќе се почувствува оваа деценија
Во новата студија тие разгледаа различни сценарија за глобалното затоплување за да предвидат колку често луѓето во иднина би можеле да доживеат температури што се сметаат за непријатно високи или ниски. Тие откриле дека „се предвидува дека бројот на луѓе што доживуваат екстремна топлина речиси ќе се удвои“ до 2050 година ако просечните глобални температури се зголемат за 2°C во споредба со прединдустриските нивоа. Но, според водечкиот автор на студијата, Хесус Лизана, поголемиот дел од влијанието ќе се почувствува оваа деценија, бидејќи светот брзо се приближува до границата од 1,5°C.
– Клучната порака е дека потребата за приспособување кон екстремната топлина е поитна отколку што се мислеше претходно – рече научникот за животна средина Лизана.
Во следните неколку години мора да се изгради нова инфраструктура, како што се одржливо климатизирање или пасивно ладење, за да се осигури дека луѓето можат да се справат со опасната топлина. Продолженото изложување на екстремна топлина може да ги преоптовари природните системи за ладење на телото, предизвикувајќи проблеми што се движат од вртоглавица и главоболки до откажување на органите и смрт. Тоа често се нарекува тивок убиец бидејќи повеќето топлински смртни случаи се случуваат постепено, затоа што внатрешниот термостат на телото се урива преку комбинираните ефекти на високата температура и други фактори на животната средина. Поради климатските промени, топлотните бранови се подолги и поинтензивни, па затоа пристапот до ладење, особено климатизација, ќе биде клучен во иднина.
Игнорирањето на предупредувањата чини животи
Студијата предвидува дека 3,79 милијарди луѓе низ светот би можеле да бидат изложени на екстремна топлина до средината на векот. Тоа „драстично“ би ја зголемило побарувачката за енергија за ладење во земјите во развој ,каде што би се почувствувале најтешките здравствени последици. Индија, Филипините и Бангладеш би биле меѓу најпогодените популации.
Најзначајната промена во „деновите на ладење“, т.е. температурите доволно високи за да бараат ладење, главно со клима-уреди или вентилатори, се очекува во тропските или екваторијалните земји, особено во Африка.
Централноафриканската Република, Нигерија, Јужен Судан, Лаос и Бразил забележаа најголемо зголемување на опасно високите температури.
– Едноставно кажано, товарот на овој тренд за кој предупредува нашата студија, дека деновите ќе станат потопли, ќе го носат најранливите луѓе – изјави климатологот и коавтор на студијата Радика Хосла.
Но, таа додаде дека побогатите земји во традиционално постудени клими, исто така, се соочуваат со голем проблем, иако многумина сè уште не го сфаќаат тоа. На пример, земји како Канада, Русија и Финска би можеле да доживеат остар пад на „деновите за греење“.
































