Фото: Деан Лазаревски

Преку топографијата може да се лоцираат одредени тврдини, кули, ѕидови итн. Топонимите честопати асоцираат на некој доцноантички или средновековен локалитет. Честопати локациите каде што постоеле утврдувања денес се именувани како кула. Според Николај Овчаров, терминот кула се сретнува во историските извори и најчесто станува збор за највнатрешно градско утврдување, односно замок. Овој збор најпрво навлегол во Македонија преку Византија, а бил преземен од Турците Селџуци. Искажаното се потврдува и од Равенското кале, кое е познато само како Кале. Очигледно е дека станува збор за доцноантичко утврдување околу кое имало населба, а можеби и град. Ова се потврдува и од последното археолошко откритие, односно од статуата „Човек со тога“

Знаменитостите на Македонија

Неодамна во близината на гостиварското село Рамен беше пронајдена статуа што беше именувана „Човек со тога“, а според информациите станува збор за најголема статуа без глава од овој тип на територијата на македонската држава. Месните жители додека го чистеле изворот во близината на т.н. Равенско кале или само Кале, неочекувано наишле на поголем камен. Дополнителните истражувања покажале дека станува збор за вредно археолошко откритие, а откриената статуа сега се наоѓа при Конзерваторскиот центар во Гостивар. Според Цветко Новаковски, директор на Конзерваторскиот центар, статуа со ваква големина досега не била пронајдена во Македонија, а досега биле пронајдени такви статуи во Аполонија и Бутринт, Албанија, и главно биле поставени на јавни места.
Последното археолошко откритие повторно ги потврди културното и историското значење на Равенско кале, кое е прогласено за културно наследство на Македонија. Според досегашните истражувања, станува збор за археолошко наоѓалиште, се верува дека станува збор за утврдена населба и некропола од доцноантичкото време и средновековна некропола. Равенското кале се наоѓа на околу еден километар западно од селото, на висок рид со зарамнето плато, каде што се гледаат ѕидови од бедемот на тврдината, градени од кршен камен и варов малтер, дебели и до два метра.
Надворешниот појас на тврдината исто така е граден од кршен камен и варов малтер, а дебелината на овие ѕидови е до 0,6 метри. Во подножјето на тврдината, спрема Јеловичка Река, се откриени траги од населба – градби изведувани од кршен камен и варов малтер, а по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси. Најдени се и повеќе монети од византиските императори Валентијан и Јустинијан. Исто така, северозападно од тврдината се откриени остатоци – гробови од доцноантичка некропола, а над неа, во горните слоеви, има гробови од словенска некропола, кои се градени од камени плочи – тип циста.
Според Јован Трифуноски, станува збор за некогашно утврдување, а може да се видат остатоци од ѕидови (камен, тули и вар). Трифуноски исто така нагласува дека, според локалното население, во утврдувањето постоел канал, кој служел како скривница, како и дека во подножјето на утврдувањето се познаваат плочи од гробови и остатоци од згради, што говори дека околу калето имало населба.

Човек во тога Фото – Од архивата на Пирсон Скот Форсман

Досегашните истражувања во археологијата и историјата потврдуваат дека преку топографијата може да се лоцираат одредени тврдини, кули, ѕидови итн. Топонимите честопати асоцираат на некој доцноантички или средновековен локалитет. Честопати локациите каде што постоеле утврдувања денес се именувани како кула. Според Николај Овчаров, терминот кула се сретнува во историските извори и најчесто станува збор за највнатрешно градско утврдување, односно замок. Овој збор најпрво навлегол во Македонија преку Византија, а бил преземен од Турците Селџуци.
Искажаното се потврдува и од Равенското кале, кое е познато само како Кале. Очигледно е дека станува збор за доцноантичко утврдување околу кое имало населба, а можеби и град. Ова се потврдува и од последното археолошко откритие, односно од статуата „Човек со тога“.
Тогата е карактеристична облека за Римската Империја, а подоцна и за рановизантискиот период. Таа била од долго платно, кое се обвиткувало околу телото и се носело врз туника. Се правела од волна, а туниката често била ленена. Низ римската историја, тогата била исклучиво машка облека, додека жените носеле стола. Тогата и калцеусот се сметале за одлика на римските државјанин. Странците немале право да ги носат, а тоа право им се одземало и на протераните Римјани, додека ја носеле магистратите како знак за цивилна функција. Д.Ст.


Селото Равен

Името на селото првпат е забележано во 16 век, поточно во 1568-69 година, како Равне. Самото име означува „дол или рид“ или, пак, рамнина, рамно место. Равен се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Гостивар, во горното сливно подрачје на реката Вардар, недалеку од самиот град Гостивар на југозапад. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 680 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено околу пет километри. Месностите во атарот на Равен ги носат следниве имиња: Стара Корија (порано Пашина Корија), Осојница, Каља, Раса, Шпешак, Подорница, Роѓа, Сеграде, Ливаде Ре, Браненица, Локва, Сред Реки, Меани и Завој.
Во минатото, селото му припаѓало на некој манастир. Полето покрај селото се нарекувало Раваница. Кон крајот на 18 век, Равен станало чифлиг на албанското семејство Дерала. На почетокот на 19 век, сопствениците на чифлигот викнале муслимани Албанци од Албанија да се населат во Равен. Околу средината на тој век, половина од земјиштето веќе им припаѓало на тие Албанци. Топонимот Пашина Корија говори за споменот на времето кога селото било чифлиг.
До 1941 година, селото било од збиен тип, но по поплавата на Равенска Река во која биле срушени околу 20 куќи, селаните ги обновиле своите куќи поблиску до реката Вардар. Во 1948 година, селото се делело на три маала: Маала Епр, Маала Медисме и Маала Ре (Ново Маало). Д.Ст.