Новото истражување тврди дека подолг и поздрав живот може да се започне со исхраната, а подолу се наброени неколку докажани начини со кои можете да ги промените вашите животни навики, кои исто така ги препорачуваат експертите.
Може да додадете до 13 години на вашиот живот ако јадете помалку црвено и преработено месо и повеќе овошје и зеленчук, мешунки, цели зрна и јаткасти плодови, покажа една неодамнешна студија.
Според студијата, најголемата добивка во долговечноста е откриена со консумирање повеќе мешунки, кои вклучуваат грав, грашок и леќа, цели зрна и јаткасти плодови, како ореви, бадеми и ф’стаци.
– Билните диети добиваат врвно нутриционистичко признание, а исхраната може да биде исто толку витален знак како и крвниот притисок, температурата и отчукувањата на срцето – вели д-р Дејвид Кац, кој објави истражување за тоа како да се користи храната како превентивен лек.
Постојат пет начини препорачани од експертите, со кои можете да ја промените вашата исхрана на подобро.
Следете ги вашите моментални навики во исхраната
Според нутриционистката Кетлин Зелман, многумина од нас јадат несвесно, не регистрирајќи го сето она што го ставаат во уста. Затоа издигањето на свеста за нашите вистински навики во исхраната е првиот чекор, пренесува „Си-ен-ен“.
– Запишете сè што јадете во еден ден и вклучете детали како што се времето, локацијата и други фактори што влијаат на вашите навики во исхраната. Потоа погледнете ги резултатите и направете план како можете да бидете подобри – вели Зелман.
Планирајте го успехот
– Го јадеме она што нѐ опкружува – вели докторот Том Рифаи, кој држи часови по континуирана едукација за исхрана и метаболички синдром на Медицинскиот факултет на „Харвард“.
Тој предлага да го смените опкружувањето во кое живеете, вклучувајќи ги домот, работата и автомобилот, со планирање однапред. Спакувајте здрави оброци и закуски и не заборавајте да патувате. Обезбедувањето на вашиот дом со здрави основни намирници со кои ќе можете да се послужите за време на напорната ноќ е уште еден начин да поттикнете успешна транзиција кон поздрав начин на исхрана.
Отстранете го шеќерот од појадокот
Водечката диететичарка во компанијата „Дајет ИД“, Дина Аронсон, која се фокусира на процена на исхраната и менување на здравствените однесувања, предлага да го започнете денот здраво со отстранување на шеќерот од појадокот.
– Има толку многу придобивки од намалувањето на шеќерот во првиот оброк во денот. Вашиот шеќер во крвта останува на нормално ниво, вашата енергија и креативност остануваат високи и вие го одредувате темпото за денот – вели таа.
Изберете еден оброк без месо
Експертите велат дека најлесниот начин да започнете да јадете повеќе растенија е да замените еден оброк од месо дневно со билки или жита.
Започнете со ручекот – додавањето интегрални жита или грав во салата без месо помага полека да се подигне шеќерот во крвта, со што на вашиот мозок му се дава потребната енергија за да го помине попладневниот пад. Тоа го намалува и прејадувањето навечер, велат експертите.
Јадете го она што го сакате
Сите знаеме дека консумирањето овошје и зеленчук е добро за нас, но обично тоа не е нашата омилена храна. Меѓутоа, за да ја задржите оваа нова навика, мора да уживате во јадењето вкусна, здрава храна – вели Аронсон.
Иако истражувањата тврдат дека храната го продолжува животот, таа е само дел од загатката. Секојдневното вежбање е уште еден важен фактор – истражувањата покажуваат дека едноставното движење колку што можете почесто секој ден, како што е пешачењето во природа, може да го подобри здравјето и да го намали стресот. Други фактори што ќе влијаат на вашата долговечност вклучуваат управување со стресот, квалитетен сон од околу осум часа и блиски односи.