Компанијата зад ЧетГПТ го подготвува првиот хардверски уред со вештачка интелигенција што би можел целосно да го промени начинот на кој се користи оваа технологија. „ОпенАИ“ повеќе не сака да користиме вештачка интелигенција само преку екран на компјутер или телефон. Компанијата зад ЧетГПТ планира да го претстави својот прв хардверски уред во 2026 година – а тоа би можело да го означи почетокот на сосема нова ера на вештачката интелигенција.
Иако деталите за самиот уред сè уште не се официјално потврдени, познато е дека тој ќе биде директно базиран на вештачка интелигенција. Целта е да им се овозможи на корисниците да комуницираат со технологијата со вештачка интелигенција надвор од традиционалните екрани. Особено е битно да се напомене фактот дека „ОпенАИ“ соработува на овој проект со Џони Ив, легендарен дизајнер и поранешен главен дизајнер на „Епл“. Неговата дизајнерска фирма е вклучена во развојот на уредот од 2024 година, што дополнително ги поттикнува очекувањата во врска со изгледот и употребливоста на идниот производ.
Според достапните информации, „ОпенАИ“ разгледува неколку различни концепти за хардвер на вештачка интелигенција. Меѓу нив се споменуваат компактни аудиоуреди, но и потенцијални носливи или интерактивни гаџети што би ја направиле вештачката интелигенција подостапна во секојдневниот живот. Директорот Крис Лехејн изјави на Светскиот економски форум во Давос дека развојот на проектот напредува според планот. Според него, лансирањето на уредот се очекува во втората половина на 2026 година.
Засега не е познато дали првиот ваков уред ќе биде наменет за широк пазар или за ограничен број корисници. Сепак, сигурно е дека со овој потег компанијата влегува во директна трка со технолошките гиганти што веќе експериментираат со АИ-хардвер.
































