Компанијата „Вирџин галактик“, во сопственост на Ричард Бренсон, ќе го започне својот бизнис со комерцијален вселенски туризам во јуни оваа година.
„Вирџин галактик“ веќе овој месец треба да изврши лет во вселената, односно вкупно петти за вселенскиот авион „ВСС јунити“ и прв од јули 2021 година, кога Бренсон отпатува во суборбиталниот простор со уште тројца членови на екипажот. На ова патување ќе одат шест од вработените во компанијата, а ако сѐ биде според планот, „Вирџин галактик“ се надева дека ќе го направи својот прв комерцијален лет во јуни.
Секој претходен лет на авионот „ВСС јунити“ беше дел од тест-кампања, а ни петтиот нема да биде поинаков. Меѓутоа летот наречен „Јунити 25“ би требало да биде последниот тест пред да биде целосно оперативна услугата за вселенски туризам.
– „Јунити 25“ ги претставува конечната евалуација на целосниот систем за вселенски летови и искуството на астронаутите пред отворањето на комерцијалната услуга кон крајот на јуни – се наведува во соопштението на „Вирџин галактик“.
Оваа компанија има намера да испрати луѓе во суборбиталниот простор за да можат за кратко време да ја видат Земјата од вселената. Компанијата користи вселенски авион наречен „ВСС јунити“, како и носачот на авиони „ВМС Ив“, кој го крева на височина од 15.000 метри. „ВМС Ив“ потоа го испушта вселенскиот авион, кој го продолжува своето патување во суборбиталниот простор.
Исто како „Њу шепард“ на „Блу ориџин“, која всушност е вертикална ракета што лета малку повисоко од „Јунити“, патниците ќе доживеат бестежинска состојба неколку минути пред да се вратат на Земјата.
Мисијата е наречена „Јунити 25“ бидејќи е 25-ти лет за „Јунити“, вклучувајќи ги и најраните пробни летови. Мисијата ќе полета од космодромот „Америка“ во Ново Мексико, кој е неодамна отворен центар за операции на „Вирџин галактик“.
Ако сѐ оди според планот, „Вирџин галактик“ навистина ќе биде на почетокот на своите комерцијални операции. Големиот ривал „Блу ориџин“ веќе испрати неколку комерцијални екипажи во суборбиталниот простор, но ракетата „Њу шепард“ беше приземјена минатата година поради аномалија што го активира системот „бегство од капсула“ за време на научна мисија без екипаж.