Првиот фестивал на чалгиска музика „Ваташа“ се одржа на празникот Петровден на 12 јули, во Моклиште, на споменикот на Дванаесетте ваташки младинци. Тој наедно е и прв фестивал во историјата на чалгиската традиција во Македонија. Иницијатор за неговото одржување е Перо Пењушков од Ваташа и самиот вљубеник во чалгиската музика, еден од најдобрите познавачи на ваташката чалгија, вокален интерпретатор што свири неколку чалгиски инструменти. Идејата за организирање ваков фестивал ја носи долги години со цел да упати порака до помладите генерации за зачувување на музиката што замира, а која некогаш беше неизоставен дел од традицијата и на сите семејни веселби, свадби, крштевки, родендени. За него ваташката чалгија преку патриотските песни со родољубиви елементи го пренесувала револуционерниот дух на ваташани и со организирањето на фестивалот посакува повторно нејзино заживување.
Таму каде што се наоѓа вечното почивалиште на славните ваташки младинци во закрилата на високите платани и во присуство на многубројна публика силно одекнаа прекрасните чалгиски песни: „Дејгиди луди млади години“, „По друм одам мајче“, „Три години стана“, „Сношти минав крај рајската градина“ „Бог да бие Наумчето“, „Ајде вино пијам“, „Ја излези стара мајко“, „Марие млада невесто“, „Драгините порти“, Ој Ленче Ленче“ и многу други, како и прекрасните ора „Купурлика“ и „Старо чуново оро“. Фестивалот започна со прекрасната интерпретација на талентираниот Ангел Димитров на песната „Ми заплакало селото Ваташа“, по што следуваше настапот на чалгијата при МРТВ во состав: Хусреф Саид – канун, Раим Баки – ут и Сафет Демиров- тарабука. Настапот на етномузичарот Стефче Стојковски на гајда во придружба на Илчо Јованов на дајре со „Старо тиквешко оро за рамо“ претставуваше можност за презентирањето на уникатноста на ваташката чалгија, која на самите почетоци била во состав на гајда и дајре што не било случај во другите делови на Македонија каде што преовладувала гајдата со тапан.
Следуваше настапот на „Чалгии мерак“ со Тони Арслан – виолина, Оливер Настовски – ут, Филип Михајловски – какон и Шериф Мустафа – тарабука со четири песни и едно оро, потоа „Чалгија саунд систем“ со харизматичната Добрила Грашевска како вокал, Александра Кузман – виолина, Дориан Јовановиќ – ут и Филип Крстевски – деф и тарабука. Крајот од фестивалот беше отстапен за домаќините „Ваташка чалгија“ со музичарите Димо Димов – виолина, Васо Ристов – брач, Лазо Нашев – џумбус, Илчо Јованов – дајре, Ѓорѓи Мишев – кларинет и Перо Пењушков – лаута и вокал.
Како експерт за чалгиска музика пред музичкиот дел свое обраќање имаше Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет, кој осврнувајќи се на историскиот аспект на чалгиската музика го потенцираше нејзиното значење како една од димензиите на нашата класична музика.
– Тиквешките чалгии знаеле да свират таксим, турски марш, семаи и першеви, исто така и скопската и велешката чалгија, кои биле најбитните во таа врска со изворната музика во овие разговори со композиторите во создавањето на таа вертикала. Но истовремено чалгиите биле со мешан етнички состав, повеќе и помалку ги знаеле сите јазици и свиреле на секакви веселби како што велат Раим Баки и Хусреф Саид, легендите на чалгиската музика, кои потекнуваат од тој генијален чалгиски оркестар на МРТВ. Значи чалгаџиите биле некакви космополити што ги знаеле сите јазици, ја знаеле изворната музика, високата отоманска класична музика. Но бидејќи биле од различен етнички состав ја свиреле секоја музика и на тој начин ја воспоставуваат хоризонталата. Имено, на еден начин ја воспоставуваат суштинската култура бидејќи културата не можете да ја воспоставите во рамките на еден локален простор. Секогаш високата култура подразбира едно универзално дејствување, а ние како Македонци не треба да ги заборавиме ниту вертикалата ниту хоризонталата – вели Солунчев.
Според него, иако се чини дека умираат нашите традиции и култури, се јавува потреба од нејзино заживување.
– Таа била дел од животот, а сега веќе не, но е многу битна во воспоставувањето на онаа хоризонтала и вертикала, оној крст што се формира на овие простори и станува наша потреба да ја гледаме како една од димензиите на нашата класична музика. Од таму доаѓа потребата иако е дел од животот да биде присутна во свеста на современите музичари како некоја насушна потреба и класична музичка традиција – рече Солунчев.
Идејниот творец на фестивалот, Перо Пењушков, изрази голема благодарност до локалната самоуправа на Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев за поддршката во реализирањето на фестивалот и изрази желба фестивалот да стане традиција и да помогне во заживувањето на ваташката чалгија. Фестивалот заврши со проекција на документарниот филм за чалгијата во Македонија „Кеиф“ на „Авард филм продукција“.